В понеделник штрајк на целиот транспортен сектор во Германија

Германскиот синдикат на вработените во јавниот сектор „Верди“ и железничкиот синдикат за понеделник најавија еднодневен генерален штрајк на транспортниот сектор во Германија, кој целосно ќе го парализира железничкиот, воздушниот и поморскиот сообраќај.
Синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и синдикатот на вработените во железницата „ЕВГ“ најавија еднодневен предупредувачки штрајк за тој ден, што ќе го зафати целиот меѓуградски железнички сообраќај, речиси целиот градски сообраќај како и повеќето аеродроми, јавуваат германските медиуми.
Штрајкот вклучува и воден транспорт во Германија и вработени на автопати.
Според податоците на Здружението на аеродроми, од штрајкот во понеделник би можеле да бидат погодени 380.000 патници, а сообраќајот се очекува да биде во прекин до средината на идната недела.
Претставник на Германските железници (ДБ) ги повика патниците да ги одложат патувањата доколку е можно или да ги преместат на денот пред, или после штрајкот. Синдикатите бараат повисоки плати и изедначување на негативниот ефект на инфлацијата врз реалните плати.
„Верди“ за 2,5 милиони вработени бара зголемување од 10,5 отсто. Германската влада ги отфрли коментарите за претстојниот штрајк, нагласувајќи дека не сака да се меша во преговорите меѓу работодавачите и синдикатите.
„Правото на штрајк е едно од основните права во Германија“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт. Воедно, апелираше до учесниците во преговорите што поскоро да се најде решение за да биде што помало влијанието врз секојдневниот живот на граѓаните.