Зголемена опасност од тероризам прогласена во Северна Ирска

Безбедносните служби во Северна Ирска го зголемија нивото на опасност од тероризам од „значителна“ на „сериозна“, соопшти во вторникот британската влада во пресрет на очекуваната посета на американскиот претседател Џо Бајден по повод 25-годишнината од мировниот договор на островот.

Во објавата на оваа одлука, којашто ја донела тајната служба MI5, британската влада предупредува на „зголемено ниво од терористички активности“, алудирајќи на неодамнешниот обид за убиство на полицаец.

„Ова ниво на опасноста значи дека постои голема можност од напад,“ додава во соопштението британски министер за Северна Ирска, Крис Хитон-Харис, истакнувајќи дека јавноста треба да биде „претпазлива“ но и „да не се плаши“.

„Во овие 25 години Северна Ирска се претвори во мирољубиво општество, но помал број луѓе сепак е решен да им прави зло на нашите жители преку политички мотивирано насилство“, се додава во писмената изјава.

Во неа се споменува и обидот за убиство на високот полициски детектив Џон Колдвел врз кој на 22-ри февруари отворија оган двајца мажи додека имал тренинг на фудбал со локални деца во градот Ома во северноирската грофовија Тирон.

Нападот кој политичките челници на ирската територија којашто е под британска управа едногласно го осудија, се случи пред 25-годишнината од мировниот договор потпишан на 10-ти април 1998 година, познат како Договорот на Велики петок, по триесетгодишниот крвав судир во кој се убиени најмалку 3.500 луѓе.

Полицијата ја сомничи Новата Републиканска ирска армија (IRA), дисидентска републиканска група којашто ја призна одговорноста за два напада последните години. Во април 2021 година бомба беше поставена под автомобил на полицаец пред неговиот дом.

Северна Ирска, покрај тоа, се наоѓа во чувствителен политички момент. Иако Лондон и Брисел на крајот се договорија за трговските одредби по британското излегување од ЕУ коешто ќе важи за оваа британска покраина, локалните политички институции и натаму се парализирани поради бојкотот од пробританската унионистичка партија DUP, којашто е многу лојална на британската круна.