Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск има респираторна инфекција и ќе мора да мине неколку дена на болничко лекување, соопштија во средата од Ватикан.
Според оваа објава, 86-годишниот понтиф последните денови се жалел на отежнато дишење.
„Беше прегледан во болницата на фондацијата ‘Агостино Џемели’. Наодите покажаа присуство на респираторна инфекција (исклучено а коронаворусна инфекција), за којашто е потребна неопходна неколкудневна терапија во болнички услови“, се додава во соопштението на Светата столица.
Претходно во средата од Ватикан информираа дека папата Франциск се наоѓа во римската болница на „претходно закажани лекарски прегледи“.
Папата во средата ја одржа редовната општа аудиенција во Ватикан и се чинело дека е во добра здравствена состојба, пренесуваат медиумите.
Неколку часа потоа папата Франциск ненадејно бил однесен во болницата на тестирање, за коешто Ватикан извести дека било претходно закажано. Но италијанските медиуми го проблематизираа тоа тврдења, истакнувајќи дека телевизиското интервју договорено со Папата за средата попладнето е откажано во последен час.
Неговата следна закажана аудиенција ќе биде откажана. На 3-ти април католиците ќе ја започнат Страсната седмица пред Велигден. Предвидено е понтифот да учествува на голем број предвелигденски богослужби и на поворката која традиционално се одржува на Велики петок. Во недела на Велигден (9-ти април годинава) Папата традиционално им се обраќа на верниците со проповедта „Urbi et orbi“ („На градот и светот“).
Папата Франциск боледува од дивертикулитис кој може да предизвика инфекција или воспаление на дебелото црево. Дел од дебелото црево му е отстранет со операција во 2021 година токму во болницата „Агостино Џемели“.
Првиот аргентински папа во историјата на католичката црква на 13-ти март ја одбележа 13-годишнината од неговиот избор на папскиот трон, а во едно неодамнешно интервју рече дека неговото здравје е „соодветно за неговата возраст“. Понтифот е всушност принуден за користење инвалидска количка поради болки во коленото.