Се одржа 46. сесија на Клубот на истражувачите

Во Народната банка се одржа 46. сесија на Клубот на истражувачите. На неа беа презентирани два научни труда, „Преговарај за својот удел: Улогата на преговарачката моќ на работниците за трудовиот удел, со осврт на економиите во транзиција“, од авторите Марјан Петрески и Стефан Таневски и „Влијанието на кредитирањето врз економската активност во Република Северна Македонија“ од авторите Борче Треновски и Дашмир Саити. Сесијата ја отвори вицегувернерката Ана Митреска, која нагласи дека Народната банка постојано ја охрабрува научно-истражувачката дејност, меѓу другото и со поддршка на промоцијата на трудови и автори. Посочи и дека двата труда, презентирани на оваа сесија, се осврнуваат на теми коишто се релевантни за домашната економија. На сесијата присуствуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Tрудот „Преговарај за својот удел: Улогата на преговарачката моќ на работниците за трудовиот удел, со осврт на економиите во транзиција“, го обработува влијанието на преговарачката моќ на работниците врз трудовиот удел. Авторите прават поширока анализа којашто опфаќа 23 индустриски гранки во 69 земји, од кои 28 се земји во транзиција, притоа покрај квантитативни, користат и конструирани квалитативни показатели. Тие утврдуваат дека со поголема преговарачка моќ се остварува поголем трудов удел, што не е случај и со економиите во транзиција, кај кои поголемата преговарачка моќ на работниците не доведува и до поголем трудов удел.

Во трудот „Влијанието на кредитирањето врз економската активност во Република Северна Македонија“ се утврдуваат големината и насоката на поврзаност на кредитната активност и економскиот раст во нашата економија. За таа цел, авторите избираат два пристапа ‒ првиот пристап го анализира влијанието на кредитите на приватниот сектор врз економскиот раст (по глава на жител), додека вториот пристап го анализира влијанието на кредитите на домаќинствата и претпријатијата врз инвестициите и потрошувачката и следствено врз БДП. Резултатите од анализата покажуваат дека врската помеѓу растот на банкарските кредити на приватниот сектор и стапката на економски раст е позитивна и значајна.

По презентацијата, на сесијата се водеше дискусија меѓу учесниците, поттикната од презентациите на трудовите и од изнесените заклучоци. Со одржувањето на 46. сесија успешно започнаа активностите на Клубот предвидени за оваа календарска година.