Русија го презема претседавањето со Советот за безбедност при Обединетите нации и покрај притисоците од Украина врз нејзините западни покровители да ги блокираат руското претседавање.
Секоја од 15-те постојани и непостојани членки на Советот за безбедност на светската организација по принципот на ротација го презема претседавањето со телото на период од еден месец. Русија последен пат претседаваше со Советот за безбедност во февруари 2022 година, кога ја започна, како што ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина за која вели дека има цел да го заштити тамошното руско и рускојазично население од украинска офанзива и да ја демилитаризира соседната земја поради сопствената безбедност.
И покрај приговорите и повиците од Украина, САД порачаа дека нема да го блокираат преземањето на претседателството на Русија, којашто е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето. Покрај Русија, постојани членки се и САД, Кина, Велика Британија и Франција.
Функцијата е главно процедурална, но рускиот амбасадор при ОН, Василиј Небензја, во интервјуто од петокот за агенцијата ТАСС рече дека планира да организира неколку дискусии, вклучително и онаа за контрола на вооружување.
Небензја, исто така, истакна дека ќе се дискутира за „новиот светски поредок“ којшто „ќе го замени униполарниот“, за што зборуваше и кинескиот претседател Кси Џинпинг, при неговата неодамнешна тридневна државна посета на Москва.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба оцени дека руското претседавање е „најлошата првоаприлска шега некогаш“ и „силен потсетник дека нешто не е во ред со начинот на функционирање на меѓународната безбедносна архитектура“.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подолјак порач дека наводно станува збор за „уште едно силување на меѓународното право… Ентитет кој води агресивна војна, ги крши нормите на хуманитарното и меѓународното право, ја уништува Повелбата на ОН, ја негира нуклеарната безбедност, не може да го води клучното светско безбедносно тело“.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски минатата година зборуваше дека Советот за безбедност при ОН би требало да биде реформиран или да биде расформиран, обвинувајќи го телото дека не преземало доволно мерки за да ја спречи руската инвазија. Тоа тело, исто така, не преземаше никакви акции и кога САД, Велика Британија и Франција, исто така, постојани членки со право на вето, заедно изведуваа инвазии во СР Југославија, Ирак, Авганистан, Либија, Сирија…
Зеленски, исто така, ја лансираше идејата Русија да биде исфрлена од Советот за безбедност, што всушност ќе го доведе во прашање и опстанокот и воопшто од Обединетите нации во сегашната форма.