Градоначалникот на скопката општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во саботата изврши надзор на локацијата каде од утрово започнаа градежни активности за санација на улицата „Козјак”, како и партерно уредување на просторот во непосредна близина.
Нов асфалт ќе добие коловозот на „Козјак”, ќе бидат опфатени и тротоарите. Со павер елементи ќе се поплочат пристапните патеки, а со нова урбана опрема, клупи и корпи за отпад, ќе се овозможи жителите да имаат современи услови за одмор и дружење. Воедно, ќе се разгледа и можноста за изградба на ново катче за нивните домашни миленици, како и за оплеменување на просторот со нови дрвца.
„Денеска сме во централниот дел на нашата општина, на улицата ‘Козјак’ каде во периодот што следи ќе работиме на целосно менување на ликот на просторот, преку градежни зафати на самата улица, но и на просторот околу неа.
Се работи за дел од Кисела Вода, каде има повеќе станбени објекти, повеќе жители кои години наназад барале подобри услови и не биле слушнати од сите претходни градоначалници. Со отпочнатите активности, во кои се вклучени досегашните барања кои стигнувале до Општина Кисела Вода, сакам да упатам јасна порака дека нема да дозволам тие да се почувствуваат заборавени.
Покрај асфалтирањето на улицата ‘Козјак’ и санацијата на тротоарите, ги уредуваме и пристапните и пешачките патеки, поставуваме и нова урбана опрема, а ќе ја разгледаме и можноста за уште едно од поновите барања за изградба на паркче за нивните миленичиња. Сакам да нагласам дека додека работиме, добредојдени се идеите и сугестиите на жителите на улица ‘Козјак’ и другите граѓаните кои живеат во непосредна близина. Заеднички ќе го промениме ликот на овој дел од градот и ќе го направиме овој дел од Кисела Вода подобро место за живеење“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.