Бундеслига: Гостинска победа на Хофенхајм во Бремен

Многу важна победа остварија во неделата фудбалерите на Хофенхајм кои во последниот меч од 26-то коло на германската Бундеслига, на гости во Бремен со 2:1 го совладаа домашниот Вердер.

По бледото прво полувреме, Хофенхајм го реши натпреварот на почетокот од второто. Тогаш во 50 и во 52 минута со два погодока го отвори патот кон трите бода.

Првиот гол на дуелот го постигна хрватскиот репрезентативец Андреј Крамариќ во 50 минута кога од близна со глава ја погоди домашната мрежа, а веќе во следниот напад Кристофер Баумгартен на ист начин го удвои водството на гостите. Вердер намали во 76 минута преку Амос Пјепер и до крајот на мечот настојуваше да спаси барем бод. Во 94 минута беше досуден пенал за Вердер, но одлуката беше преиначена по асистенцијата на ВАР-от.

Ова е втора последователна победа на Хофенхајм, откако претходно доживеа седум првенствени порази во низа. Остана на 15-то место , но сега има 25 бода, три повеќе од позицијата која води во доигрувањето за опстанок односно четири над последните две места кои директно водат во понизок ранг. Вердер, исто така, остана на 11-то место со 31 бод.

Претходно во неделата Келн и Борусија од Менхенгладбах одиграа без голови. Келн сега е 13-ти со 28 бодови, а Борусија М е 10-та со 32 бода.

Со победата од 4:2 во саботата во дербито на првопласираните две екипи минхенски Баерн се врати на врвот на табелата со 55 бодови, два повеќе од сега второпласираната Борусија Дортмунд. Во игра за титулата останува и Унион Берлин кој ги следи со 51 бод.