НГИ Коалицијата на Египќани – Прифатливи се уставни измени според хрватскиот модел

Во услови кога имаме Преамбула на Устав, каде што имаме категорија „други“, а не се спомнати Египќаните како посебна, автохтона и автентична етничка заедница, не се спомнати Торбешите, Хрватите, Црногорците, Евреите итн, а пред нас имаме „услов“ кој треба да го исполниме за да се продолжи патот кон ЕУ, а тоа е промена на највисокиот правен акт, тогаш коректно е и во духот на Европските вредности да се примени преамбулата од хрватскиот Устав и во измените во Уставот на Македонија, посочува Демир Далип, лидерот на НГИ Коалицијата на Египќани.

„Во таков случај, ќе бидат спомнати и Египќаните, кои се реалност во Македонија, како нејзини лојални граѓани, кои заслужуваат фер шанса и можности за нивно институционално интегрирање и недискриминација. Поради, подредената состојба, многу Египќани, особено помлада популација, заминува надвор од границите на нашата татковина Македонија, во потрага на подобар живот. Мораме да го спречиме тоа, бидејќи тие млади луѓе ѝ требаат на Македонија, и истите имаат квалитет и капацитет да и’ помогнат на државата во нејзините заложби да биде полноправна членка на ЕУ, вели Далип.