Граѓани добивале електронска порака во име на директорот на БЈБ – МВР вели дека се работи за меѓународна измама

Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено.

Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела.

МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од која и да е институција за спроведување на законот.

„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани“, велат од МВР.

Истовремено се појавија СМС-пораки со наводна содржина од УЈП кои се исто така лажни.

„Исто така, предупредуваме да не отварате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, велат од МВР.

„Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот“, се додава во соопштението.