ДКСК: Само 10 отсто од активностите за борба против корупцијата биле спроведени лани

Минатата година биле завршени само 10 проценти од предвидените активности во четиригодишната стратегија на државата за борба против корупцијата.

Ваквите резултати за дел од претставниците на меѓународниот фактор во земјава се разочарувачки. Евроамбасадорот Дејвид Гир кажа дека евроинтегративниот напредок на Македонија многу ќе зависи од тоа колку државава ќе се справува со проблемите со корупцијата во сите области на општеството и порача власта заедно со опозицијата да се здружат во оваа борба и да постапуваат по препораките на Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија. Од УСАИД велат дека тие и натаму ќе и помагаат на Македонија во оваа борба, но дека напредокот зависи само од нас.

-ЕУ, заедно со земјите-членки и меѓународната заедница обезбедија милиони за поддршка на владеењето на правото во Македонија, вклучително и во областа на борбата против корупцијата. Ние и граѓаните на Македонија со право очекуваме оваа поддршка да постигне резултат. Темпото на реформите во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата останува разочарувачко, истакна Дејвид Гир – амбасадор на делагацијата на ЕУ во Македонија.

„САД се ваши стратешки партнери, но примарната одговорност е кај вас. Властите, институциите и граѓаните на Македонија треба да постигнат напредок во борбата против корупцијата. Ние сме ваш партнер и ќе користиме широк спектар на алатки за да ви помогнеме да го постигнете вашиот успех, но ова е ваша земја и не можеме да ја решиме корупцијата наместо вас“, Дон Кармин – в.д. претставничка на УСАИД во Македонија.

Причината за оваа ниска реализација на националната стратегија, според првата Антикорупционерка Билјана Ивановска се слабата посветеност на институциите, честите менувања на министрите во услови кога постои партизирана администрација.Вицепремиерката за добро владеење Грковска од своја страна, пак, оцени дека најголем проблем е неказнивоста, а ја посочи индивидуалната одговорност како важен фактор.

Најнизок степен на реализација на стратегијата од Антикорупциска забележале кај Фондот за здравствено осигурување и Министерствата за земјоделство и информатичко општество.. Како проблем од таму се посочува слабата соработка со Собранито, каде се уште не е разгледан ниту извештајот од реализираното на стреатегијата од пред две години.