ВИДЕО I Мистериозен блесок над Киев: НАСА демантира дека станува збор за нејзин сателит

НАСА соопшти дека мистериозниот блесок кој е снимен над Киев претходната ноќ не е предизвикан од еден од сателитите на вселенската агенција кој би требало да се урне на Земјата, како што првобитно тврдела украинската воена администрација.

Шефот на градската воена управа на Киев, Сергеј Попко, повикувајќи се на прелиминарни податоци изјавил дека мистериозниот блесок забележан на небото над градот во околу 22 часот по локално време, бил последица од пад на сателит на НАСА, пренесува „Канал 24“.

Веднаш по блесокот се вклучиле алармите за воздушна опасност за да се спречат повреди од било какви сомнителни отпадоци, додека ПВО не била во функција.

„Според прелиминарните податоци, овој феномен е резултат на пад на вселенски сателит на Земјата“, рекол тој во пост на Телеграм.

Во меѓувреме, и Украинската вселенска агенција потврдила дека дошло до високо-енергичен акустичен настан над територијата на Украина.

„Настанот веројатно е поврзан со влез на космичко тело во густите слоеви на атмосферата. Информацијата се разјаснува“, пишува во пораката на сајтот на Главниот центар за специјална контрола.

НАСА порано оваа недела соопштила дека нејзиниот пензиониран сателит „RHESSI“ од 300 килограми, кој бил користен за набљудување на соларни факели, повторно ќе влезе во атмосферата во среда. Било соопштено дека се очекува поголем дел од леталото да изгори при патувањето во атмосферата.

„Ризикот од повреди по било кого на Земјата е прилично низок, околу 1:2467“, наведува НАСА во блогот.

Канцеларијата за комуникации на НАСА, меѓутоа, за „BBC“ изјавила дека сателитот сè уште бил во орбитата во времето кога бил пријавен блесок од Украина, додавајќи дека американското одделение за одбрана и американската вселенска агенција продолжиле да го следат „RHESSI“.

Астрономот Џонатан Мекдауел исто така во четвртокот твитувал дека блесокот над Киев нема ништо со новото влегување сателитот во атмосферата. Тој рекол дека орбитата на сателитот не е ни на илјада километри од Украина, додавајќи дека шансите да влезе во Киев се еднакви на нула.

Астрономот, познат по следењето на патувањата во орбитата, рекол дека сателитите на НАСА на патот кон ново влегување во атмосферата обично паѓале кон Јужна Америка, северна Африка, централна Азија и Кина.