Врховниот италијански спортски суд во четвртокот одлучи да му ги врати на Јувентус 15 бода кои му беа одземени во февруари поради финансиски нерегуларности и утврди дека во тој случај процесот мора да биде повторен.
Со тие 15 вратени бодови, Јувентус скока од седмото на третото место на табелата и е во одлична позиција да игра во Лигата на шампионите следната сезона. Имено, сега Јувентус има 59 бода, 16 помалку од водечкиот Наполи, два помалку од вториот Лацио, но и три повеќе од четвртата Рома, односно шест повеќе од петтиот Милан и осум од сега шестиот Интер, а во најелитното континетално клупско натпреваруваање одат четирите првопласирани екипи на крајот од сезоната од која преостануваат осум кола.
Пред оваа одлука, најголемата шанса на Јувентус следната сезона да влезе во Лигата на шампионите беше освојувањето на Лигата на Европа, додека сега се чини дека најголемата шанса на клубовите од Милано да играат во Лигата на шампионите следната сезона е освојувањето на титулата европски шампион оваа сезона, со оглед на тоа што Милан и Интер ќе се сретнат во полуфиналето од најсилното клупско фудбалско натпреварување, а победникот ќе игра во големото финале против подобриот од натпреварот Реал Мадрид – Манчестер Сити.