Каде плови овој брод?

Во повеќе мои пишувања сум истакнувал дека за реформа на образованието и претходи преобразување на општеството, односно преставува институционализација на преобразба на општеството. Во таа смисла, некои стручњаци и експерти наведуваат дека напорите за реформа на образованието се поврзуваат со клучните тенденции на општеството, потребите и предизвиците. Реформата може да се појави и како обид да се решат некои проблеми, тешкотии преку корекции внатре во образовниот систем.

Имено, во име на педагошките тенденции и новини Министерството за образование и наука (МОН) и другите надлежни фактори го одредуваат, пропишуваат и го уредуваат образовниот систем, без анализи, експертски мислења, без суштинско проучување на проблемите.

Согласно предизвиците, новините и потребите направени се обиди за реформирање на образовно-училишниот систем, без навлегување во постојната состојба на општествените односи, со оглед  на другите реформи во општеството. Таков е случајот со одредување на цената на чинење на образованието, односно образованието се вреднува по колективните договори и степените на образование на наставниот кадар и нивниот минат труд. Постигнувањата, квалитетот, креативното учење и понатаму се маргинализира. Реформите можат да се применат и тогаш кога се сака преку нив севкупниот систем на образование да се постави на темелите на промените на вкупните општествени односи. Образованието е примарна дејност во општеството-државата. Со други зборови, образованието е ресурс кој создава ресурси за развој, прогрес и иднина на повеќе дејности на човековото дејствување. Повеќе теоретичари и експерти образованието го нарекуваат интелектуален ресурс-капитал, за кој е потребно да се создадат поволни услови и можности за негово сознавање, поимање, збогатување и практикување.

Од изнесеното произлегува дека во образованието треба да се инвестира, во инфраструктуралната-институционална мрежа, во опремата, со нагледно-дидактички помагала, технолошки средства, информатичка мрежа, наставен кадар со стручна, прирачна литература и периодика, иновациски семинари преку кои ќе добиваат лиценца  и ќе се потврдува  вредноста на едукацијата и квалитетот на едукациските процеси.

Учениците како учесници и партнери ќе сознаваат и ќе се збогатуваат со нови содржини, знаења, во согласност со нивните психофизички можности и способности, како активни чинители и креатори во процесот на наставата и учењето, за квалитет, соработка и натпревар. Меѓутоа, промени и реформи не се можни без демократија, без демократски процеси и промени, во процес во кој ќе учествуваат сите фактори вклучувајќи ги и семејствата и родителите. Согласно легислативата и воведената локална самоуправа, децентрализацијата, демократските процеси ќе се практикуваат и во управувањето и во раководењето на училиштето, односно со надлежностите ќе раководат училишни управни и стручни органи, а со тоа политиката, власта и политичките партии ќе бидат надвор од институциите на образованието.

Вреднувањето и оценувањето (интерно и екстерно) треба да бидат во надлежност на независна, стручна и компетентна агенција за вреднување и за оценување, составена од компетентни, стручни и научни лица кои ќе ги оценуваат постигнувањата и квалитетот на учењето и на наставата, знаењата како интелектуален производ кој ќе добие цена на чинење, како и другите производни дејности. Со ваквиот пристап и начин на вреднување и на оценување ќе се прекршат сфаќањата и убедувањата дека образованието е потрошувачка и товар за буџетот на државата. Напротив, образованието е интелектуален производ со цена на чинење и затоа во него треба да се инвестира за доброто на сегашните и на идните генерации, како и за доброто на државата, за нејзин просперитет и за европски интеграции. Но, каде плови овој брод?!

Реформи да, но не неосмислени и нетемелити

Решиле да прават реформи во базичното основно образование, согласно како што велат дел од Концепцијата од Стратегијата на МОН за 2018- 2025 година. Да, има потреба од реформи во основното образование. Но, не диктаторски, како што го правеше Мила Цароска, а сега го продолжува тоа и нејзиниот наследник, Јетон Шаќири.

Господа, несоодветни министри (поранешна Мила и сегашен Јетон). Реформите кои на сила ги туркате треба да бидат осмислени и темелити. Кога велам темелити, мислам на сеопфатност на целосно согледаноста на состојбите во базичното основно образование во Република Македонија. Во каква состојба ни се основните училишта во Република Македонија? Па, така поранешната министерка Мила Цароска се истрча, дека тоа мора да биде „веднаш и сега“. Никако поинаку. По нејзините постапки – арогантни, постапува и овој министер Јетон Шаќири.

Па така, спроведувајќи го нејзиниот концепт со неколку т.н. „експерти“ (читај тезгаџии – одат таму каде што има пари). Решиле да прават „реформи“ во основното образование по теркот на Финска, Норвешка и други развиени европски земји, со некакво интегрирање на предмети: Хемија, Физика, Биологија, Географија во Природни науки… И како што милуваат да речат: „сето тоа го прават во интерес на децата“ и понатаму го туркаат неосмислено и нетемелито.

Од наведените прашања во делот на т.н концепција „реформи во основното образование по теркот на Финска…“. Цароска, како и т.н. „експерти“, ретерираат во нивните изјави, затоа што добија „шамар“ од финските експерти дека наставните предмети: Историја, Географија, Хемија, Физика и слично се посебни предмети согласно Наставниот План и Програма, како и од други  европски земји. Лагата на Цароска ја продолжува и Јетон Шаќири на овие т.н. експерти и оние од Бирото за развој на образованието. Што би рекле учениците и студентите:„ Кој лаже тој и …“.

Деновиве, откако Бирото за развој на образованието (БРО) го објави Наставниот План за шестто (6) одделение, каде што може да се види дека од следната учебна година, шесттооделенците ќе учат Физика, Хемија, Биологија и Географија во еден предмет наречен Природни науки, а Историјата воопшто ја нема како предмет?

И сега пак, како и пред некоја година, која го водеше МОН, арогантната Цароска, а сега Јетон Шаќири, не стивнуваат реакциите од Природно-математичкиот факултет при УКИМ-Скопје, односно од нивните струкови друштва за Географија, Биологија, Физика и Хемија и другите институти кои се во неговиот состав, преземаат активности за запирање на реализација на концепцијата заклучно со шестто одделение, така што во продолжение наставните планови во седмо, осмо и деветото одделение би останале непроменети.

Според наставните програми за предметот Природни науки за шестто одделение, објавен од страна на БРО, децата ќе имаат три часа неделно по овој предмет, а предметот може да го предава лице со завршен факултет за некоја од четирите Природни науки. Тоа значи дека некој што студира, на пример, двопредметни студии Физика – Информатика, ќе треба да има познавање и од Географија и од Биологија и од Хемија и да предава Природни науки?!

И од наведеното може да се констатира дека МОН и БРО, го изготвуваат образовниот концепт за шесттото одделение, без консултација и мислење на стручните експерти од струковите друштва (за Географија, Биологија, Физика и Хемија) при соодветните предмети на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при УКИМ-Скопје и други соодветни Факултети и институти. Со право се писмените реакции од страна на струковите друштва до надлежните државни институции, како и реализација на непосредни разговори на највисоко ниво. Се надевам дека тие активности на стручните експерти ќе придонесат за зачувување на статусот на наставните предмети: Географија, Физика, Биологија и Хемија.

И  по ова, сега го слушам и не ми се верува што зборува директорот на БРО, Зеќирија Хасипи, дека: „со новата Концепција, им се овозможува шанса на наставниците да изработат програми од слободни изборни предмети и со тие програми може некој наставник да има полн фонд на часови. Овие предмети ќе ги предаваат истите наставници, ќе бидат модулирани, но секој ќе си го предава својот предмет и својата тема…“. Ова е неосмислено и нетемелито! Жално, ама вистинито! Мора да има јавна стручна расправа. Науката треба да дојде до израз, а не политиката, поконкретно политиканството, која се води во МОН, БРО и Владата. Но, каде плови овој брод?!

Колку училиштата се по мерка на детето, од истражување на меѓународни институции?

Последните истражувања од страна на УНИЦЕФ, поткрепени со референци од Светска банка, Европската комисија, ОЕЦД, (Wold Bank(2000), Human Capital Project.. Достапно на https//www.woldbank.org/en/publication/human-capital. Europiean Commission, OCED, UNICEF(2000) Educaation in theWesternBalkans.Достапно наhttps;//www.oecd-ilibrary.org/education/ education-in-the-western-balkans_764847ff-en. UNICEF (2021)Unpublished Analysis…) документ за политики за степенот дали Македонија добро ги искористува ресурсите за образование, односно „Колку училиштата се по мерка на детето?“ од истражувањата резимираат дека:

„Македонија се соочува со криза во учењето, а постигнувањата на учениците се под просекот на учениците од Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Соседните земји постигнале подобри резултати од учењето со малку повисоки нивоа на расходи за образованието… Моментно 87отсто од расходите за основно образование се трошат за плати за вработените во училиштата, поради што нема доволно средства за капитални инвестиции, обнова и одржување на објектите во добра состојба, како и инвестирање во професионалниот развој на кадарот“.

Македонија се сочуваше и се соочува со криза во учењето. Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажува поразителни резултати. Во Западен Балкан сме најслаби (во читање, Математика и Природни науки). Поразителна е аналитиката која ја искажуваат дека „по 11 години поминати на училиште, едно дете во Македонија во просек има образовни резултати еднакви на 7,3 години на учење“. Тоа е најлош резултат во Европа или со други зборови, децата одат на  училиште 3,7 години кои им се залудно потрошени.

Ситуацијата е таква што најголем број училишта држат настава во две смени. Тоа е една од причините зашто учениците во Македонија добиваат помалку часови настава. Од друга страна, тоа ги ограничува широчината и длабочината на наставата и можностите за дополнителни предмети или дополнителни часови за учениците. Поконкретно кажано: На шестгодишна возраст, првачињата во Македонија имаат едно од најниските нивоа на планирано време за настава (552 часа) меѓу 79 земји што учествуваат на ПИСА. Додека достигнат четиринаесетгодишна возраст, овие ученици ќе имаат околу 900 часа помалку настава од просекот за учениците низ земјите на ОЕЦД. За да се надмине овој предизвик, реформата на основното образование треба да има за цел да се зголеми бројот на часови за настава. Но, за да се зголеми бројот на часови мора да се зголеми времето, училиштата треба да создадат услови за работа во една смена. Со реформата е предвидено и ревидирање и воведување на нови образовни стандарди, вклучително и стандарди за училишна инфраструктура и опрема, како и за пристапност и безбедност. За да се исполнат овие стандарди треба да се приспособи физичката инфраструктура или преку дополнителни инвестиции или пренамена на недоволно искористени згради.

Во подеталната анализа на структурата на наставничката работна сила на општинско ниво, исто така, посочува на загрижувачки недостаток на наставници кои се квалификувани да ја исполнат визијата за образовна реформа. На пример, има недостиг од квалификувани наставници за одделенска настава споредбено со наставници за предметна настава. И меѓу наставниците за предметна настава недостасуваат наставници кои се квалификувани за Математика, Физика или Хемија, во споредба со наставници по предмети од општествени науки. Во училиштата со мајчин јазик различен  од македонскиот јазик, дополнителните предизвици посочуваат на потреба од детална анализа на ниво на општини и училишта за да се разбере како треба да се приспособи наставниот кадар, а некои од општините ќе треба да ги прераспределат наставниците на други образовни профили.

Колку се троши за образованието?

Истражувањата покажуваат дека во земјава се троши помалку за образование за разлика од просекот на меѓународно ниво, но и овој процент е во опаѓање. Со 3,7 проценти од БДП во 2018 година (сега е 3,2 проценти) јавното трошење за образованието во Македонија кое е најниско во Западен Балкан и многу пониско од просекот од 5,2 проценти од БДП во ОЕЦД или од просекот од 4,9 проценти во 27 земји-членки на ЕУ. Но, каде плови овој брод??!!

Види повеќе: Загрижувачки состојби во образованието

Како плови  финскиот образовен систем

Некои наши т.н. експерти вклучени во „реформите во базичното основно образование“, сакаат да се споредуваат или приближно да го копираат финскиот образовен систем.

За да го споредувате или да го копирате финскиот образовен систем, треба да поседувате предуслови и услови и воедно да го преобразите, односно реформирате општествениот систем. Ги прашувам нашите т.н. експерти: Каде плови нашиот брод?

Почитувани читатели и господа од академската фела. Ќе се обидам да издвојам од изворот (Index.hr Што зборува Igor Vukelik)

„Истражувањата спроведени од ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) од 2018 година, проценува дека вештачката интелигенција може да замени многу луѓе на нивните работни места во децениите што доаѓаат. Ова од причина што постои итна потреба да се едуцираат луѓето да ги исполнат барањето на работните места во иднина.

Во оваа смисла, Финска има еден од најквалитетните образовни системи во светот, кој е пример за многу земји. Меѓу другото, на тоа укажува и високиот пласман на различни меѓународни тестирања. На пример, Финска е рангирана на прво место според индексот „образование за иднината на економијата“, додека ОЕЦД ја рангира на второ место во светот според резултатите на дипломците. Особено е интересно што Финска го постигна овој успех и покрај тоа што троши малку повеќе по ученик од просекот на ОЕЦД.

Финците се горди на својот образовен систем и веруваат дека токму овој систем им овозможил да станат економски успешна земја. Финска е четврта економска базирана на знаења, а според ОЕЦД, во 2004 година беше втора во висока технологија, по Ирска. Според Светскиот економски форум, во 2014 година, се најде на првото место во светот по информатичка технологија. Уште во средината на 20 век, Финците се впуштија во сериозни реформи во образованиот систем со консензус на левите и десните партии. Финска е позната по високите резултати на ПИСА-тестовите (програми за меѓународно оценување на учениците), кои се спроведуваат на секои три години меѓу учениците низ светот за да се проценат нивните математички, читачки и научни способности. Според резултатите од ПИСА-тестовите од 2018 година, Финска е меѓу најуспешните земји во светот.

Што го прави финскиот образовен систем толку успешен?

Експертите истакнуваат неколку клучни фактори:

Еднаквост – нема приватни училишта и сите ученици имаат пристап до бесплатно образование. Сите ученици се третираат еднакво, без разлика на потеклото или социо-економскиот статус.

Индивидуален пристап – Финскиот образовен систем обезбедува индивидуален пристап за секој ученик, што значи дека наставниците се обидуваат да ги приспособат своите наставни методи и стратегии на самите ученици за да им помогнат да постигнат најдобри резултати.

Креативно учење – Финскиот систем потикнува креативно учење и размислување. Учениците се охрабруваат да поставуваат прашања, критички да размислуваат и да развиваат вештини за решавање проблеми. Ова им овозможува да ги развијат сопствените таленти и интереси, наместо да се фокусираат на традиционалните академски предмети.

Високи стандарди – Образовниот систем има високи стандарди и бара сите ученици да се соочат со предизвици.

Високо ниво на професионални знаења и образование на наставниците – Финските наставници имаат високо образование и се обучени да обезбедат квалитетна настава и подршка на учениците. Тие континуирано работат на нивната доквалификација. За да се вработат на неопределено време, наставниците треба да имаат магистерски студии.

Континуирана иновација – Финскиот образовен систем се базира на иновации и постојано усовршување, па затоа постојано работат на развивање нови методи и пристапи кои би можеле да го подобрат образованието.

Целодневно училиште – Финска нема целодневни програми, барем не во сите училишта. Постои во училиштето наречени „aamu-ja iltapaivatominta“ (утринска и попладневна активност“). Ваквите училишта им обезбедуваат на учениците дополнителни активности и услуги надвор од вообичаените часови на настава, а се достапни за учениците од предучилишна возраст до трето одделение. Целта на ваквото  училиште е на учениците да им обезбеди подршка во нивниот развој и образование, и да им олесни на родителите да го организираат своето време, особено ако се во работен однос…“

Види повеќе: Во финските училишта нема целодневна настава, ниту информатика, ниту суперодлични

Што е ОЕЦД?

Како меѓународна организација за економска соработка и развој (ОЕЦД), формирана е 1961 година во Париз, Франција. Членството во таа организација е многу важна за секоја земја. Во овие 56 години ОЕЦД се трансформира во меѓувладина организација во која  членуваат 35 најразвиени земји во светот. ОЕЦД најчесто се опишува како „клуб на богати земји“.

Каков е тој клуб и што прави во стварноста?

За да се аплицира за членство во ОЕЦД мора да  задоволат минимум барања, меѓу кои има законски и други стандарди. Меѓу тие стандарди се борбата против корупцијата,  заштитата на потрошувачите и одговорно користење на минералите. Последна од  земјите што  ги исполни тие услови е Летонија која во 2016 година стана 35-та членка на ОЕЦД.

Овој клуб на богатите е познат по неколку работи од економијата во светот, втора работа по која е познат ОЕЦД е неговата посветена работа за сузбивање на даночното затајување, трета работа, можеби најпозната кај нас, е анализата на стандардите во образованието, позната како ПИСА програма.

Во неа е вклучена и Македонија, но за жал резултатите на овдешните ученици во светски рамки се на самото дно, секогаш се меѓу најлошите. Кога некоја земја ќе добие толку лоши оценки во ПИСА програмата тоа е знак за тревога, но кај нас не е случај. Ние мирно го следиме пропаѓањето на образовните стандарди и со тоа го уриваме напредокот во иднината. Нашиот брод плови… плови… плови и го нема… потона! Затоа  час поскоро се потребни образовни стандарди и борба против криминалот и корупцијата со нови луѓе!

Ни помина секое време!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес