НБА плејоф: Неверојатниот Батлер за водство на Хит против Бакс

Џими Батлер со неверојатните 56 коша ги одведе Мајами Хит до победата од 119:114 над гостинските Милвоки Бакс во четвртиот натпревар од доигрувањето во Источната конференција на НБА лигата и водство од 3-1 во серијата до четири победи.

Кошаркарите на Хит, кои во овој натпревар надоместија заостанување од 15 поени, имаат можност да се пласираат во конференциското полуфинале во петтиот натпревар кој се игра во среда навечер во Милвоки.

Бакс, екипата којашто имаше најдобар сооднос на крајот од регуларниот дел од сезоната, водеа со 11:89 по забивањето на Лопез на 6,09 минути до крајот пред Хит да експлодираат со 13 последователни поени и во првото водство на мечот дојдоа на 3,17 минути до крајот.

Овој учинок на Батлер го надмина претходниот рекорд на франшизата Хит кој го држеше Леброн Џејмс кој постигна 49 поени во доигрувањето против Бруклин Нетс на 12-ти мај 2014 година. За Батлер, исто така, ова е личен рекорд во кариерата, и во регуларната сезона и во постсезоната.

Покрај тоа, Батлер се израмни на четвртото место според бројот на поените во НБА доигрувањето со Вилт Чембрлејн (Филаделфија Вориорс, 1962-ра), Мајкл Џордан (Чикаго Булс, 1991) и Чарлс Баркли (Феникс Санс, 1994).

На оваа листа водат Мајкл Џордан со 63 коша постигнати за Чикаго Булс во 1986 година, Елџин Бејлор со 61 кош за Лос Анџелес Лејкерс во 1962 и Донован Мичел со 57 поени за Јута Џез во 2020 година.

Брук Лопез додаде 36 коша со 11 скокови за Бакс. Јанис Адетокумбо се врати по двата меча паузирање поради повреда на грбот и впиша „трипл-дабл“ со 26 коша, 13 асистенции и 10 скокови.