Поранешниот светски шампион во бокс во тешка категорија, 37-годишниот Деонтеј Вајлдер е уапсен во понеделникот вечерта во Лос Анџелес поради наводно поседување скриено оружје, потврди локалната полиција.
Вајлдер бил приведен во полиција неколку часа пред да биде ослободен со кауција од 35.000 долари, изјавил истиот извор.
Според извештаите на TMZ и весникот The Los Angeles Times, полицајците го уапсиле Вајлдер во населбата Холивуд поради неправилно затемнети стакла и покриена регистарска табличка на неговиот „ролс-ројс“. Помирисале марихуана, поради што го пребарале возилото каде пронашле пиштол калибар 9 мм.
Боксерот беше „кооперативен“ во текот на целиот процес, потврдиле за TMZ сведоци на настанот.
Во Калифорнија, носењето скриено оружје е прекршок што може да резултира со една година затворска казна, максимална парична казна од 1.000 долари или кратка условна казна.
„Подобро е да сум безбеден отколку да жалам потоа. Точкја“, напиша Вајлдер на Twitter откако беше пуштен од притвор.
Американскиот боксер, кој во својата професионална кариера оствари 43 победи (42 со нокаут), со два порази и едно реми, минатата година се врати во рингот по едногодишно отсуство што следеше по двата последователни порази од Тајсон Фјури во нивната „трилогија“ од 2018 до 2021.