Во последните шест месеци најмалку 274 мажи, 58 жени и две момченца биле јавно камшикувани во Авганистан, се наведува во понеделникот објавениот извештај на Обединетите нации.
Големо мнозинство од нив се казнети со 30 до 39 удари со камшик поради вонбрачни врски, бегство од домот, кражба, хомосексуалност, консумирање алкохол, измама и шверцување дроги.
Во декември, покрај тоа, извршено било и едно јавно погубување со присуство на високи функционери. Осуденикот бил погубен поради убиство на друг маж со студено оружје во 2017 година.
„Телесните физички казни преставуваат кршење на Конвенцијата против тортурата и на тоа треба да му се стави крај. ОН силно се противат на смртната казна и ги поттикнуваат властите итно да воведат мораториум на егзекуциите“, изјави Фиона Фразер, шефица на бирото на ОН за човекови права во авганистанската престолнина Кабул.
Талибанското министерство за надворешни работи соопшти дека осудениците биле казнети според исламскиот кривичен закон (шеријатот), како и дека казните се неопходни за да се гарантира целосна безбедност и сигурна атмосфера за населението. Додава и дека секој политички систем има своите сопствени стандарди и пристапи.
„Исламскиот емират ги извршува сите свои активности во духот на светата вера на исламот и целосно ѝ е доследен“, се истакнува во соопштението на талибанските власти.