Кампања „Од врата до врата“, за две недели вакцинирани над 200 деца

Над 200 деца кои ги пропуштиле рутинските вакцини ја искористија кампањата на Министерството за здравство и на Светската здравствена организација, „Од врата до врата“, која има за цел да ја подигне свеста за важноста на вакцините.
Кампањата започна на 24 април 2023 година, како дел од Европската недела на имунизација 2023 година и се реализира со финансиска поддршка од ЕУ.
Во неа се вклучени повеќе од 30 медицински тимови кои до крајот на овој месец треба да посетат 2.900 семејства, во над 120 населени места. Тимовите составени од здравствени работници ги презентираат бенефитите од имунизација, а воедно вршат и администрирање на вакцини против Ковид-19 и рутинска вакцинација, велат од Министерството.
Покрај вакцинацијата, медицинските тимови поделија и над 4.000 информативни брошури.
Со кампањата се опфатени 20 општини – 120 населени места, рурални и урбани, каде е регистриран понизок опфат на вакцинирани деца согласно календарот за задолжителна имунизација, како и вакцинација против Ковид-19.
Тимовите ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, делат промотивен материјал и во договор со родителите имаат можност да закажуваат термини за вакцини од редовниот календар за имунизација.
Предвидено е кампањата да трае пет недели, односно до крај на месец мај и планирано е да се посетат над 2.900 семејства.
Во рамки на кампањата, постарите лица над 60 години имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза.