Мистериозни потреси близу местото на експлозиите на гасоводите Северен тек

Сеизмолозите регистрирале потреси од непознато потекло во близина на данскиот остров Бронхолм во Балтичкото Море, близу местата не експлозиите коишто го оштетија четирите линии на руските гасоводи Северен тек 1 и 2 ланскиот септември, со што дефинитивно беше прекината испораката на евтиниот руски гас во Германија и Европа.

Информацијата ја пренесе агенцијата Bloomberg News, кој се повикува на извештајот на Геолошкиот завод на Данска и Гренланд (Geus), а се наведува дека изминатиот викенд жителите на Бронхолм биле преплашени од потресите, чиишто потекло властите не можат да го објаснат.

Сеизмолозите првично сметале дека потресите од 13-ти мај се предизвикани од земјотрес или контролирана моќна експлозија во соседна Полска. Меѓутоа, сега, по дополнителната анализа на податоците, тие го отфрлаат таквите можности, пренесува агенцијата.

Некои од консултираните сеизмолозите сметале дека потресите би можеле да бидат резултат на бранови на акустичен притисок од некакви настани во атмосферата. Се додава дека тресењето според Рихтеровата скала било со еквивалент на помал земјотрес.

„Сепак, истражувачите не можат да донесат заклучок што ги предизвикало овие моќни потисни бранови на притисок“, го цитира агенцијата соопштението на Geus.

Експлозии на руски извозни гасоводи се случија на ланскиот 26-ти септември, на четири места беше откриено истовремено истекување на гас. Според компанијата оператор „Nord Stream AG“, инцидентот е без преседан и невозможно е да се процени временската рамка за поправки. Кремљ овој настан ја нарече акт на меѓународен тероризам.

Американскиот наградуван истражувачки новинар Сејмор Херш поддоцна објави напис во кој наведува, повикувајќи се на свои разузнавачки извори дека планот за саботажа на гасоводите бил разработен тајно од членови на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и американското разузнавање. Според него, за поставување на моќните експлозивни направи била искористена поморска вежба на НАТО минатиот јуни во водите на Балтичкото Море кога нуркачи го поставиле експлозивот, а во септември далечински го активирала воената морнарица на Норвешка.

Десетина дена по текст на Херш, синхронизирано неколку мејнстрим медиуми кои претходно изразуваа сомневања дека зад експлозиите стои самата Русија, исто така, повикувајќи се на западни разузнавачки извори, објавија наводни сознанија дека зад уништувањето на руските гасоводи стои непозната проукраинска група која не е поврзана со властите во Киев.

Трите засегнати земји – Данска, Шведска и Германија спроведоа одделни истраги, но досега не ги објавија своите наоди објаснувајќи го тоа со прашање од националната безбедност.