Санкциите за Русија и односите со Кина централни теми на самитот на Г7

Челниците на земјите од групата индустриски најразвиени земји на светот Г7 започнаа да пристигнуваат во четвртокот во Хирошима, градот кој САД на крајот од Втората светска војна го бомбардираа со атомска бомба што е досега единствен случај во историјата, а сега се доживува како „град на мирот“, каде што во прв ред ќе зборуваат за натамошното јакнење на санкциите за Русија поради нејзината инвазија во Украина и „заштитни мерки“ против „економскиот притисок“ од Кина.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида од петокот до недела ќе биде домаќин на челниците на САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, во градот кој во 1945 година доживеа нуклеарно уништување а потоа се подигнати бројни споменици посветени на мирот.

САД на 6-ти август 1945 година врз Хирошима фрлија атомска бомба којашто го срамни градот со земјата, додека во еден миг животите ги загубиле 140.00 луѓе. Сепак, како што е најавено, американскиот претседател Џо Бајден, како и неговиот претходник Барак Обама чиј потпретседател беше, нема да се извини за тоа.

Челниците на седумте земји ќе настојуваат да претстават обединет фронт против Русија и Кина, но и околу некои други стратешки прашања каде што не секогаш им се совпаѓаат националните интереси, ќе доминира во дискусиите, со истакнува на „ситуацијата на боиштето“, изјави американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан.

САД и нивните сојузници уште по превратот во Киев во 2014 година ја помагаа воено Украина, но по почетокот на руската инвазија врз Украина од пред 15 месеци, или како што Москва ја нарекува „специјална воена операција за заштита од геноцид и етничко чистење на руското населени и денацизација и демилитаризација“ на соседната земја, испраќаат континуирано огромна воена помош во оружје и опрема. Вообичаено откако започна оваа војна, украинскиот претседател Володомир Зеленски ќе им се обрати на учесниците на самитот преки видео-врски.

Саливан изјави дека на самитот, исто така, ќе зборува и за борбата против заобиколување на санкциите, што според него дека му овозможувало на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да ја финансира воената машинерија.

Истовремено, од ЕУ изјавија дека би требало да се разговара и за санкциите против тргувањето со дијаманти од Русија и дека треба да се „ограничи рускиот извоз во тој сектор“, што значи дека не се размислува за целосно запирање на тоа.

За самиот Кишида, кој е по потекло токму од Хирошима, ќе биде важно за домашната политичка сцена да игра на картата за контрола на нуклеарното вооружување, во контекстот на обвинувањата на Западот за наводните закани со такво оружје од страна на Москва. Се очекува дека јапонскиот премиер ќе ги повика САД, Велика Британија и Франција, кои поседуваат илјадници нуклеарни боеви глави, да бидат транспарентни во врска со количествата на таквото оружје што го поседуваат, како и да ја намалат таа бројка. Меѓутоа, очекувањата за тоа се мали, а изговорот се бара во зголемените тензии со другите нуклеарни сили Русија, Кина и Северна Кореја.

Голем дел од дискусиите ќе бидат посветени на Кина, односно „мерките за заштита“ против можните „економски уцени“ од Пекинг, коишто вклучуваат диверзификација на производството и на синџирите за снабдување.

Саливан смета дека челниците на Г7 мора да ги осудат „економските притисоци“ и да се погрижат да се надвладеат разидувањата кога станува збор за ставовите и дејствувањата кон Кина.

Меѓутоа, Европската унија, во прв ред Франција, Германија и Италија, не сакаат прекин на односите со Кина, а Елисејскиот дворец однапред порача дека тоа не е „антикинески самит“. Париз посакува една „позитивна порака“ за соработка „под услов заедно да ја договориме“.

Во настојувањата да се прошири фронтот на ткн глобален Запад против Русија и Кина, Јапонија во договор со САД во Хирошима покани и претставници на осум други земји. Меѓу нив се и брзо растечките економии Индија и Кина, кои инаку се во групата БРИКС со Русија и Кина, за да се направи обид да бидат придобиени во врска со војната во Украина и наводните воени амбиции на Кина.