Седумдневно примирје договорено во Судан

Завојуваните фракции во Судан, регуларната војска и Силите за брза поддршка потпишаа седумдневен прекин на огнот доцна ноќта во саботата, соопштија Саудиска Арабија и САД во заедничката изјава.

Со новиот договор постигнат е седумдневен прекин на огнот кој ќе стапи на сила во понеделник во 21,45 часот по времето во Картум, објави американскиот Стејт департмент.

За разлика од претходните договори до кои не се придржуваа завојуваните страни, договорот постигнат во саудискиот град Џеда, на брегот на Црвеното Море кој служеше како центар за евакуација на странските државјани од Судан, ќе се спроведе со поддршка на САД, Саудиска Арабија и меѓународниот механизам за следење на прекинот на огнот.

Борбите меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (RSF) влегоа во својата шеста седмица, втурнувајќи ја земјата во хаос и раселени повеќе од милион луѓе. Залихите на храна, пари и основни потреби брзо се намалуваат, додека банките, амбасадите, фабриките за храна и магацините за хуманитарна помош се цел на ограбувачите.