На 23-ти мај 1993 година на Градскиот Стадион во Скопје се одигра првото финале на Купот на Македонија помеѓу екипите на Вардар и Пелистер.
Пред полни трибини и прекрасна атмосфера, со голот на Жанко Савов во 88-та минута Вардар влезе во историјата на македонскиот фудбал како прв освојувач на Купот на Македонија.
По завршувањето на натпреварот, тогашниот претсетдател на Република Македонија, Киро Глигоров, му го врачи победничкиот пехар на капитенот на Вардар, Љупчо Марковски – Калц.
Тогашен тренер на Вардар беше Ѓоко Хаџиевски, а вардарци по осамостојувањето на татковината, во сезоната 1992/93 ја освоија и првата двојна круна на домашната фудбалска сцена.
Натпреварот се одржа пред полни трибини на кои имаше 20.000 навивачи. Главен судија беше Гоце Попев (Скопје), помошници Ванчо Коцев (Штип) и Бранко Манојловски (Тетово).