Спречен украински терористички напад врз руски нуклеарни централи, тврди ФСБ

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека пресретнала украинска диверзантска група која планирала терористички напад врз две нуклеарни централи во земјата пред 9 мај, кога Русите ја слават победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија.

Осомничените имаа за цел да разнесат повеќе од 30 столбови високонапонски линии што се поврзуваат со нуклеарните централи, но не беа во можност да ја исполнат својата задача, објави ФСБ во соопштението во четвртокот.

Пред да бидат приведени, украинските агенти можеа да кренат во воздух една и да минираат уште четири преносни кули на далноводите што водат до нуклеарната централа Ленинград во близина на Санкт Петербург и поставија импровизирани експлозивни направи на столбовите поврзани со нуклеарната централа Калинин во регионот Твер, 350 километри северозападно од Москва, се вели во соопштението, објави Раша Тудеј.

Надворешната разузнавачка служба на Украина, која според ФСБ стои зад заговорот, се надева дека саботажата „ќе предизвика затворање на нуклеарните реактори, нарушување на рутинските операции на нуклеарните централи и ќе предизвика сериозна економска и репутациона штета на Русија“, се наведува во соопштението.

ФСБ соопшти дека двајца украински државјани се уапсени, додека друг, за кој се верува дека е во Белгија, бил ставен на листата на барани лица.

Тројцата мажи биле регрутирани од украинското разузнавање во септември минатата година и поминале обука во кампови во регионите Киев и Николаев во Украина. Тие илегално преминале во Русија во регионот Псков од Белорусија, во која влегле од Полска, наведува агенцијата.

Руските оперативци откриле складишта подготвени од осомничените, во кои имало 36,5 килограми пластичен експлозив Ц-4, 61 електричен детонатор од странско производство, 38 електронски тајмери и два пиштоли Макаров со муниција, се вели во соопштението.

Приведени се и двајца руски државјани, обвинети дека на украинските диверзанти им обезбедувале средства за комуникација и возила со лажни регистарски таблички, додава ФБС.