Мицкоски ќе бара Европскиот совет да биде гарант за македонскиот идентитет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во Тема на денот во централниот дневник на ТВ Сител вели дека на вчерашната лидерска средба со Димитар Ковачевски понудил три датуми за избори оваа есен или широка влада, како и заштитен идентитет и брза интеграција во Европската унија.

– Му го кажав мојот предлог за избори кои би се случувале оваа есен, како три можни датуми ги предложив 24 септември, први или осми октомври. Да одиме на избори, тој кој што ќе биде поразен да го поддржува победникот во одбрана на националните интереси. Значи да бараме гаранција за многу вековниот македонски идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик од Европскиот совет и преземав обврска преку премиери на земји членки таа точка да ја ставиме на дневен ред. И бидејќи сите велиме никој нема против македонскиот идентитет тогаш нема причина зошто таа точка да не биде на дневен ред и да се добие таков документ со кој што ќе се добие документ со кој што ќе биде потврда на македонскиот идентитет, од страна на највисокото европско тело, а тоа е Европскиот совет, каде што членуваат шефови на влади и држави од земји членки на Европска Унија. А од друга страна ќе ги видиме вистинските намери на нашиот источен сосед, дали е идентитетот проблем или не е – рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски посочи дека се понудил да побара економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните во форма на грант и кредитна линија за македонското стопанство.

– Второ, реков дека ќе разговарам, бидејќи сме од истото семејство на ЕПП, со Урсула Фон Дер Лајен и ќе побарам економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните, во форма на грант кој што ќе биде дел од буџетот на Европската комисија за 2024 година. И побарав кредитна линија за македонското стопанство за да може македонското стопанство да се подготви за процесот на пристапување кон ЕУ и да може подготвено да го пречека тој процес – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски потенцираше дека му предложил на Димитар Ковачевски да се бара од Бугарија да имплементира барем 3 пресуди донесени од Судот за човекови права, укажувајќи дека покрај евроинтеграции, се зборува и за добрососедство, додавајќи дека не може само Македонија да биде добра и да испорачува, но како што рече, Ковачевски ги одбил предлозите.

Тој истакна дека не е точно дека со барањата од ВМРО-ДПМНЕ се прави упад во преговарачката рамка.

–  Никаде не стои во преговарачката рамка дека треба да го промениме Уставот. Ова е обична формалност за која се бориме, бидејќи нема да поддржиме било какви услови кои би знаечеле неизвеснот во процесот на преговори – истакна Мицкоски.

Тој истакна дека доколку се исполнат одредени услови и направат преодна широка влада со СДСМ, со тоа подобро ќе го контролираат изборниот процес, а како прво министерство што ќе го бараат, тој го посочи МВР.

Мицкоски објасни дека не го амнестира СДСМ од сторениот криминал со тоа што истакнува дека не би влегол во влада во која е и ДУИ, поради тоа што „интегративците се  креатори на неуспешните политики.

– ДУИ ги креира владините политиките. Деновиве гледав вести и единствените пораки кои доаѓаат се од министрите кои не се од СДСМ, дали е правда, здравство, економија итн. Тоа се двигателите на политиките на Владата. Што се однесува до СДСМ – секој оној што се огрешил, ќе одговара родена сестра да ми е. Преодната влада, доколку дојде до неа, нема да биде амнестија за СДСМ – нагласи Мицкоски.