Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска ќе учествува на Конференција за демократијата во Европа, во Стокхолм, Кралство Шведска заедно со делегација составена од пратениците, Соња Мираковска, Ремзи Мехмеди и Никола Мицевски.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Конференцијата е со наслов „Како можат парламентарците да помогнат во заштитата и зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото?“, а Џафери ќе учествува во својство на претседател на Комисијата за уставни прашања на Собранието.
На Конференцијата за демократија во Стокхолм ќе учествуваат претседатели на Комисии за уставни прашања од 24 држави – членки на Европската Унија и земји – кандидати за членство, како и претставници од Европскиот парламент, и ќе се дискутира за „Важноста од зачувувањето на демократскиот дијалог и значењето на Парламентите“ и „Важноста на зачувувањето на независноста на судовите и довербата во општествените институции“.
Претседателот на Собранието, Џафери ќе се обрати на првата тема, а во рамките на посетата заедно со делегацијата ќе оствари билатерална средба со претседателот на Шведскиот Парламент, Андреас Норлен.