
Голем број аџии направија свечени кругови околу Каба, црната коцка во Големата џамија во Мека, во неделата кога најголемиот аџилак започна во жештините на саудиското лето.
Најсветото место на исламот се очекува да биде домаќин на повеќе од два милиона верници од 160 земји за време на годишните ритуали кои би можеле да ги соборат рекордите на посетеност, а 1,6 милиони странци веќе пристигнаа до петок навечер.
Хаџот започна рано во неделата со обиколување околу Каба, голема структура во облик на коцка покриена со црна ткаенина со златни украси, на која милиони муслимани се молат секој ден.
„Ги живеам најубавите денови во мојот живот“, вели Абдел-Азим, 65-годишен Египќанец додека го изведуваше ритуалот. „Тоа е остварување на сонот“, вели пензионерот, кој штедел 20 години за да плати котизација од 6.000 долари за учество во хаџот.
Хаџот е еден од петте столбови на исламот и сите муслимани мора да го остварат барем еднаш во животот. Низа ритуали се изведуваат во текот на четирите дена во и околу Мека на западот од Саудиска Арабија.
Во неделата навечер, аџиите ќе се упатат кон Мина, на околу пет километри од Големата џамија, пред кулминацијата на хаџот на планината Арафат, каде што се верува дека пророкот Мухамед ја одржал својата последна проповед.
Хаџот претставува и значаен безбедносен предизвик и доживеа неколку катастрофи во текот на годините, вклучително и стампедото во 2015 година во кое загинаа најмалку 2.300 луѓе, иако некои муслимански и арапски земји и денес тврдат дека бројот на жртвитре е повеќекратно поголем.