Власта си поигрува со лозарите, вели Јованчев

Денес од оваа говорница сакаме да ја информираме македонската јавност и лозарите за најновото скандалозно и небулозно однесување на нелегитимната Влада на СДС и ДУИ, а особено на недораснатиот министер за земјоделство со неразумното одбивање на дополнувањето на законот за вино, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено, на денешната 22ра седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство како единствена точка на дневен ред беше Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за виното, по скратена постапка – предложен од пратениците од мнозинството, повторувам ПРЕДЛОЖЕН од колегите од мнозинството. Нагласуваме дека пратениците од опозициската Коалиција „Обнова на Македонија“, од ВМРО-ДПМНЕ и СПМ во целост застанавме зад предложеното законско решение и изразивме цврста поддршка со единствена цел да им излеземе во пресрет на лозарите и да го заштитиме нивниот интерес. Но, очигледно Владата на ДУИ и СДС и таканаречениот министер за земјоделство Љупчо Николовски си играат со судбината и маката на лозарите. Прво го предложуваат законот, ја закажуваат Комисијата за земјоделство, па потоа ја одложуваат и го повлекуваат законот. Со отфрлањето на предложеното Дополнување на законот за вино денес повторно е згазено достоинството на пратениците од мнозинството токму од нивната Влада и Љупчо Николовски, повремено министер за земјоделство, создавајќи незадоволство, збунетост разногласие во нивните редови и по ова прашање. Непримереното директно писмено обраќање до Собранието, односно матичната Комисија од страна на ресорното министерство и со дополнително препратениот Допис со слична соддржина од Генералниот секретаријат, зборува за хаосот во кој се наоѓаат државните институции и самоволието и немањето елементарен однос на кадрите на СДС во комуникацијата со претставниците на законодавниот дом, вели Јованчев.

Тој додава дека денешното отфрлање на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за виното најдиректно претставува удар врз лозарите затоа што Владата, Министерството и Љупчо Николовски не прифатија да се донесе Методологијата за пресметка на производната цена на винското грозје, како основа за формирање на откупната цена што е од суштинско значење за лозарите.

-Владата не внимава на интересите на лозарите и таа работи на нивна штета затоа што на овој начин застанува на страна на откупувачите и винарските визби. Со одбивањето на Предлог законот за вино оваа криминална Влада на тесни групи во СДС и ДУИ повторно си го покажа вистинското лице и отворено и директно застана против лозарите. Лозарите треба да знаат дека денес оваа ненародна Влада најдиректно ја собори откупната цена на винското грозје и со својата некомпетентност во прашање го доведе откупот на овогодишната реколта. Воедно, ги потсетуваме лозарите дека единствениот поддржувач и сојузник, кој во целост ги разбира нивните проблеми со кои секојдневно се соочуваат, се опозициските пратеници од Коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да бидат сигурни дека наскоро новата демократска и народна Влада отворено ќе застане во заштита на нивниот труд и заеднички ќе ги поправиме сите штети и неправди кои ги трпат од нелеигитимната и однародена власт, вели Јованчев.