Работниците заслужуваат достоинствени плати, вели Битиќи

Вицепремиерот Фатмир Битиќи во интервју за канал 5 исјави дека работниците заслужуваат достоинствени плати, како во приватниот, така и во јавниот сектор.

-СДСМ на година дена пред изборите го оствари едно од предизборните ветувања дека ќе имаме просечна плата над 36.000 денари, истакна Битиќи, додавајќи дека од просечна плата од 22.400 денари во 2016 година, се дојде до плата од 36.300 денари.

Тој додаде дека СДСМ многу порано го постигна ветувањето за минимална плата над 20.000 денари.

-Во јавниот сектор ситуациијата е многу подобра од што била, како што ги затекнавме во 2016 година, секако јас сосема ги разбирам барањата на вработените во јавниот сектор, во сите сектори, и година дена расправаме за Општиот колективен договор кој што се носи после 18 години, нагласи Битиќи.

Потпретседателот на СДСМ потенцираше дека 18 години ниту една влада, не само што не расправала, туку не сакала да седне да зборува за општ колективен договор во јавниот сектор.

-Има и еден друг факт, платите во јавниот сектор се регулираат во преку 200 закони или подзаконски акти, така што веројатно секоја трета институција има различен начин на дефинирање на платите, рече Битиќи, додавајќи дека од таква состојба СДСМ  постигна системско решение за платите во јавниот сектор.