Град Скопје нѐ блокира на секое поле, вели Ѓорѓиевски

Долго време речиси не постои соработка со Град Скопје, вели градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој смета дека преку расформирање на претпријатието „Комунална Хигиена – Скопје“, ингеренциите треба да ги добијат скопските општини, за да се добие подобра хигиена во градот, но и да се избегнат партиски вработувања.

„Малку се сферите каде имаме соработка, речиси никаде. Тоа се случува, не изминатиов месец или недела дена, туку тоа трае со месеци наназад. Ние практично имаме блокада на секое поле од страна на градот Скопје и јавните претпријатија и целата ситуација кулминираше вечерта кога ние практично влеговме да ја завршиме работата како градоначалници од скопските општини, на оние коишто треба да си ја завршат работата, а ја немаа завршено. Наидовме на неразбирање од нивна страна и наместо да кажат благодарам, бидејќи се соочивме со проблемот откако неколку дена се таложеше отпад по улиците во главниот град, а здравјето на граѓаните беше ставено во ризик, ние добивме блокада вечерта во доцните часови пред јавното претпријатие Дрисла, а подоцна се соочивме со оние би рекол несмасни изјави од нивна страна за тоа дека ќе ги казнувале Кисела Вода и Сопиште како општини затоа што сме одложиле дел од отпадот пред Дрисла“, вели Ѓорѓиевски за РСЕ и тврди дека откако е на функција, матичната партија не му бара вработувања по партиска линија.

Во однос на превирањата во „Комунална хигиена – Скопје“, Ѓорѓиевски охрабрува постапувања против лица коишто не оделе на работа, а земале плата, но прашува и зошто не се постапило порано, ако се знаело од претходно за тоа.

Градоначалникот на Кисела Вода е во „отворена војна“ со Данела Арсовска, а препукувањата се интензивираа откако таа му најави казна од 90 000 евра за истурање на смет пред капијата на депонијата Дрисла. Ѓорѓиевски кажа дека нема да ја плати сумата, бидејќи Арсовска е ненадлежна за тоа, оти депонијата не е на територија на Град Скопје.

Арсовска му врати дека имотот на парцелата на ЈП „Дрисла“ е во сопственост и основана од страна на Советот на Град Скопје и е во директна надлежност на Градот Скопје. За неа, Ѓорѓиевски е функционално неписмен.

Скопје изминатиот викенд беше во комунален колапс, по блокадата на јавното претпријатие на дел од вработените. Градската власт тогаш соопшти дека „Комунална хигиена – Скопје“ било под заложништво на мафијашки структури со кои тие расчистиле и поднеле кривични пријави.

Но, министерот за внатрешни работи Олиер Спасовски во телевизиско гостување откри дека ниту Град Скопје, ниту ЈП „Комунална Хигиена“ не ги пријавиле во полиција вработените за кои рекоа дека биле трајно иселени во Германија, а со години чекале „џепарлак“ од претпријатието, оти биле пријавени дека доаѓаат само трета смена.