Без одлагање да ги надминеме разликите и да се сплотиме околу итно почнување на преговорите, бидејќи во спротивно ќе го изгубиме виталниот дел од општеството – младите, порача претседателот на државата Стево Пендаровски пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, на свеченоста за 2 Август , Илинден – Денот на Републиката.
Најголем дел од говорот Пендаровски посвети на младите како клучна алка во општеството, кои поради иселувањето, како што рече, станале загрозено малцинство. Пендаровски ги повика сите политички чинители да се вклучат во реализацијата на европските реформи кои според него, ќе помогнат да се мотивираат младите да останат во државата и да се вклучат во изградбата на европска Македонија.
„Како ќе се постигне општествена мобилизација без ентузијазмот, храброста и активизмот на младите, кој ќе изразува револт против општествените и социјалните неправди, двигател на дигиталната трансформација и кој ќе се вклучи во културен натпревар меѓу народите?“, рече Пендаровски.
Преговорите со ЕУ, како што рече Пендаровски ќе помогнат и во борбата со корупцијата. Таа да биде помалку општествено прифатлива, а културата на неказливост да се замени со култура на одговорност и личен, морален интегритет.
„Треба да ни е јасно дека добра алтернатива за европските реформи – не постои! Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државава и да се вклучат во изградбата на европска Македонија“, порача шефот на државата.
Правејќи споредба со Илинденското востание, Пендаровски рече дека Делчев со право бил против преурането востание кое ќе донесе крвопролевање, бидејќи тој не се залагал само за слобода на македонската земја, туку и за слобода на македонскиот народ, затоа што не сакал земја без народ.
„Ако поради преурането востание младата илинденска генерација беше десеткувана, денес поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена. Затоа денес на Илинден, сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903, Асномската од 1944 и независната од 1991, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македоснка република ќе биде европска или емигрантска“, рече Пендаровски.