Британскиот амбасадор во нашата земја, Метју Лосон со семејството престојуваше во посета на Бигорскиот манастир.
– Како споменик на вечните вредности, заеднички за сите христијански народи, и како стожер за обединувачката моќ на културната размена, Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча, во текот на вчерашниот празничен ден, срдечно го пречека британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, кој допатува во десетвековното светилиште заедно со своето благородно семејство. Посетата имаше пријателски и семеен карактер и помина во атмосфера на другарство и на меѓусебно запознавање, информираа од манастирот.
Додаваат дека угледниот гостин дошол во манастирот со цел запознавање на културното наследство, богатата историја и значењето на Бигорски.
Британскиот амбасадор Метју Лосон во посета на Бигорски манастир
За време на посетата, амбасадорот Лосон се сретна со епископот Антаниски г. Партениј. Средбата се карактеризирала со дух на топлина и отвореност и пријателски дискусии за духовноста и за улогата на верата во современиот свет.
– Во атмосфера на взаемна почит, владиката и амбасадорот споделија сознанија за вредностите што ги поврзуваат општествата. Особен интерес амбасадорот покажа околу милениумската историја на манастирот, како и за монашкиот живот на нашиот Старец и за неговата мисија со зависниците и со социјално ранливите категории, додаваат од манастирот.
Според нив, во продолжение посетата се одвивала во дух на спознајна љубопитност и восхит.
Британскиот амбасадор Метју Лосон во посета на Бигорски манастир
– Ценетите гости имаа можност да ја разгледаат прекрасната архитектура на манастирот, да се нурнат во спокојството на неговата околина и од прва рака да се запознаат со посветениот начин на живот што го водат монасите. Ова извонредно искуство им овозможи да го сфатат длабокото значење на Манастирот како светилник на духовноста и на културно богатство, посочуваат од манастирот.
Амбасадорот Лосон и членовите на неговото семејство срдечно се заблагодариле за топлиот пречек во Манастирот од чија убавина и историја биле восхитени