Еквадор во очекување на погребот на убиениот претседателски кандидат

Поддржувачите на убиениот еквадорски претседателски кандидат Фернандо Вилависенсио одржуваат собири во негова чест и чекаат да слушнат дали неговото семејство ќе даде детали за неговиот погреб во петокот.

Вилависенсио, поранешен член на парламентот на Еквадор и новинар кој пишуваше за раширената корупција, беше застрелан додека го напушташе предизборниот митинг во средата вечерта, на помалку од две седмици пред изборите. Убиството е шокантен пример за порастот на насилството и криминалот во јужноамериканската нација и остави некои гласачи растргнати околу тоа дали да излезат на гласањето на 20-ти август. Атентатот ги направи неизвесните избори уште помалку предвидливи.

Телото на Вилависиенсио во четвртокот беше предадено на двајца претставници на неговото семејство, придружувани од неговиот адвокат, соопшти државното правобранителство. Се верува дека некои членови на семејството се надвор од земјата и дека ќе се вратат за погребот. Семејството на Вилависиенсио досега бдеењето за неговото тело го држеше затворено.

Поддржувачите облечени во бело се собраа на настани во Кито, Гвајакил и Куенка во четвртокот попладнето по локално време за да му оддадат почит на убиениот кандидат, а нови собири се очекува да се одржат во петокот.

Вилависиенсио, прво како синдикален организатор а потоа и како новинар, долго време беше изложен на закани поради неговите остри и макотрпно документирани обвинувања за корупција, насочени против некои од најголемите имиња во политичкиот и финансискиот еквадорски естаблишмент.

 

Претседателската трка одбележана со убиството

И покрај прекинот на изборните кампањи на двајца негови противници и широко распространетата осуда за неговото убиство, политичарите набрзо почнаа да се обвинуваат меѓусебно.

Партијата на Вилависенсио ја осуди „политичката експлоатација“ на неговата смрт, а некои поддржувачи го критикуваа поранешниот претседател Рафаел Кореа, со кого Вилависенсио се конфронтираше додека работеше како истражувачки новинар.

Луиза Гонзалес, кандидатката поддржана од Кореа, која води во анкетите со нешто помалку од 30 отсто доверба кај гласачите, го обвини претседателот во заминување Гиљермо Ласо за врски со албанската мафија, што тој секогаш го негираше. Тоа може да ја влоши довербата на јавноста во изборниот процес и неговите резултати, тврдат аналитичарите.

Вилависенсио, оженет татко, според анкетите имал поддршка од 7,5 отсто, кои го сместуваа на петтото место од вкупно осум кандидати.

Стапката на насилство во Еквадор се зголеми во изминатите неколку години, особено во градовите долж рутите што ги користат криумчарите на дрога, како што се Гвајакил и Есмералдас, каде што граѓаните велат дека живеат во страв.

Ласо, кому му се закануваше можен импичмент, распиша предвремени избори. Тој се најде на мета на критиките затоа што не успеа да го намали насилството, а неговата влада ја обвинуваат за крвопролевањето на улиците и во затворите за внатрешните борби меѓу криминалните групи за контрола на криумчарските рути коишто ги користат мексиканските картели, албанската мафија и други злосторнички организации.

Покрај безбедноста, невработеноста и миграцијата се клучни прашања во претседателската трка.

Еден осомничен за убиството на Вилависенсио почина од повреди здобиени во престрелка со властите во средата. Уапсени се уште шестмина други извршители. Сите осомничени се Колумбијци и припаѓаат на криминални групи, објави во четвртокот еквадорската полиција.

Владата рече дека ги бара „интелектуалните автори“ на убиството и вети дека ќе го зголеми нивото на безбедност низ целата земја за да обезбеди мирни избори. Телевизиската дебата ќе се одржи в недела.