Стојчев: Во трката за престиж, родителите ја жртвуваат посветеноста кон децата

Родителите мора да се свесни за својата одговорност која ја имаат уште од раѓањето на децата, вели невропсихијатарот проф. др. Сашо Стојчев, во интервју за Република.еду.мк

Тој смета дека дисфункционалноста на семејството, кое наизглед делува сосем нормално и стабилно и отуѓеноста на децата и родителите се основа за предизвиците со кои денес се соочуваат децата и адолесцентите, а меѓу нив анксиозност, депресија и насилство. Според него случаите на насилно однесување помеѓу децата и адолесцентите се загрижувачки и тие не смеат да се сметаат само како една фаза во развојот низ која детето минува. Најдобар пристап и обид да се разбере детето, е правиот родителски, добронамерен и топол однос со реално покажување на интерес за сѐ со што се соочуваат децата денес.

Анксиозноста, депресијата и самоповредувањето веќе не е туѓо меѓу децата и адолесцентите, а тоа го потврдуваат и истражувањата. Каде треба да ги бараме причините за ваквите состојби?

Случаите на насилно однесување помеѓу децата и адолесцентите се загрижувачки. Оваа комплексна појава мора внимателно да се разбере.

Дури и децата од предшколска возраст покажуваат насилно однесување. Тоа би требало да ги загрижи најмногу родителите, но и сите останати лица кои на каков било начин учествуваат во воспитувањето, образованието и подигањето на децата. Најчесто се смета дека е тоа само некој период во развојот на детето и дека не треба да се земе со сериозност. Но, не смее да се донесе брз, едноставен заклучок дека е тоа само една фаза во развојот низ која детето минува. Многу е значајно ваквото однесување веднаш да се забележи и на него да се обрне поголемо внимание и да се следи. Во годините по осамостојувањето на Република Македонија дојде до криза на повеќе полиња. Дојде до брзи промени во општествениот систем во сите негови домени, па и образованието. На тоа ние не можевме да влијаеме. Се изгуби средната класа, која ја претставуваше 90% од популацијата во државата.

Од друга страна, тие промени го сменија начинот на живот, и поради презафатеноста на родителите со работните обвски кои секојдневно се  зголемуваат со зголемените материјални потреби, сè помалку време има за децата, за следење на нивниот емотивен, социјален и образовен развој, за доволно време за разговор со нив, за согледување на нивните секојдневни проблеми. Се создаде луда трка по пари со цел да се обезбеди егзистенција, подобар живот и подобар социјален статус.

Не добивајќи можност да комуницираат отворено со своите родители, децата се затвораат во себе, сè повеќе време поминуваат на интернет, бегајќи од реалноста. Сѐ помалку се дружат со своите врсници, создаваат виртуелен свет, во кој видеоигрите кои изобилуваат со насилство им прават ментална анестезија, и тие се отуѓени од родителите, врсниците и заедницата во целина, и така функционираат. Контролата како прва превентивна мерка изостанува.

Сè почесто дневните врснички предизвици се решаваат со насилство и агресија, во училиште и надвор од него. По трагедијата во соседството, следуваа лавина случаи каде врсници го копираа ова „однесување“. На Запад е познат моделот на копирање „copycat” или пресликување. Како го објаснувате овој феномен?  

Сметам дека најголем проблем претставува дисфункционалноста на семејството кое наизглед делува сосем нормално и стабилно. Трагедијата во соседството нѐ удри „како гром од ведро небо“ и сите ние, како родители, воспитувачи наставници, психолози, социјални работници и доктори се најдовме затечени, со нашите ставови дека сѐ е во ред.

И сега одеднаш си ги бараме нашите грешки и грешките на системот. Сега почнуваме да анализираме каде сме грешеле и каде сѐ уште грешиме. Не навлегуваме подлабоко во психологијата на децата и нивниот развој, најмногу поради немање доволно време, но и поради незнаење како да ги воспитуваме и образуваме нашите деца. Некогаш преголемата помош од наша страна им одмага на децата. Од друга страна немањето на емотивна топлина во домот ги отуѓува нашите деца од нас и тие бараат „спас“ во своите врсници, во интернетот и неговите практично нецензурирани содржини за нивната возраст, во видеоигрите кои изобилуваат со насилство. Додека во минатото секој вид на агресија, непочитување или девијантно однесување беше осудувано од сите, од родителите и децата, денес родителите не се ниту свесни дека кај нивните деца се случува токму тој вид на општење. Се глорифицира насилството како нормален образец на однесување и функционирање.  Се најдовме затечени, без ориентација што да чиниме и како да се однесуваме кон нашите најмили.

 

Реферирате на семејството и родителствувањето. Какво е семејството денес? Какви вредности тоа има?

Семејството денес е под постојано влијание на општествените промени кои последните децении се одвиваат многу побрзо од претходно. Бришењето на средната класа доведе до подвојување на дијаметрално спротивни два слоја. Постојаната трка за благосостојба, ги принуди и двајцата родители напорно да работат, за да ги задоволат материјалните потреби, најмногу на децата. Тие имаат сѐ помалку време за нив и за суштинско поврзување, каде со љубов, низ разговор ќе ги дознаат нивните проблеми и ќе најдат начин да им помогнат и да ги насочат во животот. Тука доаѓаме до прашањето, што е правилно? Дали да ги учат на ред, дисциплина, позитивни емоции, другарување, поддршка, слобода, почит кон останатите или сосема обратно. Во денешното општество, според образецот од реалноста, излегува дека спротивното едуцирање е поисплатливо. И во време на максимална отуѓеност еднородителските семејства сѐ повеќе имаат смисла. Родителот му се посветува на детето, дури понекогаш и повеќе од двајца родители и пружа постојана грижа, со комплетен фокус на детето.

Што детектирате, каков принцип на воспитување во семејствата денес се фаворизира?

Секое семејство на почетокот на бракот не е подготвено да одгледува и воспитува деца, но со текот на времето сите се снаоѓаат на повеќе или помалку успешен начин. Не постои пишано правило како да се воспитуваат децата.

Семејството почнува од научените принципи во животот, како ние сме биле воспитувани, едуцирани и водени во животот од нашите родители, но бидејќи се двајца родители, обично преовладува начинот на воспитување од посилниот, поавторитативниот родител.

Принципот на забрани, уценувања, драконски казни, кој можеби порано бил прифатлив, денес не дава добри резултати и може да е поттикнувач, стимулатор на девијантно однесување.

Пристапот кон децата треба да е авторитетен, со љубов и разбирање, а не со примена на физичка сила и не со психичко истоштување, уценување и изнудување. И децата не се додатоци, тие се личности. Затоа според мене единствено е потребно повеќе време со нив, за да се стекнат услови за секојдневна, отворена, искрена, емотивна комуникација со нив. Потребно е да се направи обид да се навлезе во нивните проблеми, со позитивен став, со пофалби за нивните успеси, со поддршка при нивните неуспеси, да се создаде простор и слобода на детето за комуникација со родителите на било кое место и во било кое време. Детето да почувствува искрена и вистинска љубов и грижа, поддршка и сигурност од родителите.

Во јавноста се отвори дебата дека преголемата изложеност на вести кои и припаѓаат на рубриката црна хроника, придонесува и го охрабрува девијантното однесување кај младите…

Јас лично не очекував дека така голем број млади луѓе, деца, тинејџери ќе го подржат веќе слученото насилство. И покрај искуството и практиката, самиот сум се излажал, очигледно. И од оваа позиција „освестено“,  јасно се гледа дека на улиците децата комуницираат со викање, понижување, исмејување, без емпатија, и со отсуство на џагор и смеа. А, не е ни далеку од нас непочитувањето, малтретирањето на домашните животи и сѐ друго за кое бевме и сѐ уште сме слепи. Нашата слаба или никаква заинтересираност да влијаеме на овие појави, нашата обземеност сами со себе, со политиката и со преживувањето, создаде простор и им даде право на децата и адолесцентите лесно да ги прифатат обрасците на однесување во кои доминира неемотивноста, агресивноста, импулсивноста и нерационалноста. За нив не треба труд, брзо се пресликуваат.

Вакумот кој настана поради послабата заинтересираност на родителите за своите деца, образложението дека нивните деца имаат сѐ, тие им пружаат сѐ што децата ќе посакаат, го пополнија интернетот и социјалните мрежи, кои се подостапни, поблиски со секаква содржина и го вршат своето влијание врз сè уште психо-социо-емоционално неоформени личности.

 

Ако треба да сублимираме неизвесноста, трката по егзистенција, работење на неколку работни места, разнишаниот вредносен систем и долгогодишната општествена криза ги исправи семејствата пред многу искушенија. Дали кај  родителите треба да ја бараме „вината“ во сето ова?

Вината може најтешко да биде лоцирана. Одеднаш сите се виновни, но да, први се родителите. Иако, сметам дека вината лежи во сите нас, во нашиот општествен систем за кој не бевме и сѐ уште не сме подготвени. Се изгубија повеќето вредности кои нè бележат нас. Сите порано или подоцна тргнавме во трка по образование, позиции, престиж, пари и секое материјално богатство. За да се постигне сето тоа, последниве три децении за жал, не забележавме дека мораше многу работи да жртвуваме. Мислевме ќе живееме подобро, побогато, поблиску до западните вредности, но без да почуствуваме ја внесовме сета западна декаденција која многу скапо не чини и уште поскапо ќе не чини. Време за децата сѐ помалку имаме. Ама битно нѐ има на социјалните мрежи, добро сме облечени, имаме добар автомобил, имаме наше друштво на истомисленици по можност на исто социјално ниво во општеството и навидум имаме сѐ. Престижот ни ги сотре емоциите, емпатијата, милосрдието, солидарноста, вистинската љубов и алтруизмот.

Нашето време е туѓо време за денешната младина. Таа преку врсниците, социјалните мрежи, поп културата создава свои животни навики и стил, кој очигледно е недостижен за родителите затоа што првенствено и технолошки не можат да го следат. Како да се пријде, да се доближи?

Сметам дека ниту можеме ниту имаме право да го менуваме стилот на живење на младата генерација. Секоја генерација носи новини, пркос, своеглавост, специфичност и различност од претходните генерации. Ние, повозрасните во голема мера „каскаме“ во технолошкиот развој зад младата генерација. Нивниот мозок има друг образец на однесување, приоѓање кон новините, кои ние не ги прифаќаме и често се туѓи за нас. Но, денес практично ни тие, но и ние не може да си го замислиме животот без интернет и без мобилен телефон. А, на социјалните мрежи сите имаат пристап. Секој што на некој начин е изолиран од општеството бара „спас“ во нив, затоа што тие станаа „сигурна“ заедница на која може да припаѓаме. Често, несвесно се копираат одредени содржини од социјалните медиуми кои не можат во целост да се обработат во мозоците на младите и децата. Некои работи, колку да е тоа декадентно за нас, веднаш, без поголема интелектуална обработка, без барање на совет од родител или близок се прифаќаат и за жал често и се применуваат и копираат во целост.

Родителите се должни да ги контролираат, отворено, не со „шпиунирање“ и да имаат увид во содржините кои нивните деца ги гледаат, често ги копираат и спроведуваат во нивните животи. Пристапот на родителите кон своето дете многу зависи и од структурата на личноста на детето, но секогаш најдобар е пристапот со отвореност, искреност, со шега и покажување на интерес што нивното дете гледа и слуша. Вакумот на родителската контрола се злоупотребува од луѓе кои ги „демнеат“ децата на интернет и тие за жал секојдневно се побројни.

За да не се бавиме со последиците, како да ги превенираме работите? Каде да бараме помош за себе како родители исправени пред вакви предизвици и како да им помогнеме на децата. Имаме ли можност за корекција?

Верувам дека во најголем број на случаи не е предоцна да му се помогне на своето дете, кое не е ниту свесно по кој пат оди и кои се можните последици од тоа. Родителите мора да се свесни за својата голема одговорност која ја имаат уште од раѓањето на децата. Не е воопшто лесно да се следи развојот на детето, особено кога имате други предизвици околу вас. Во секој случај со казнување, прекорување, навредување, етикетирање на детето се добива спротивен ефект. Се подига бариерата меѓу детето и родителот, се губи емотивниот трансфер, се губи емпатијата, згаснува љубовта.

Најдобар пристап и обид да се разбере детето, е правиот родителски, добронамерен и топол однос со реално покажување на интерес за сѐ со што се соочуваат децата денес. Денешните деца, секојдневно примаат многу повеќе информации од оние што ние сме ги примале, веројатно за еден месец. Нивните мозоци не можат тој наплив од информации соодветно да ги обработат, да ги селектират и спроведат. Затоа родителите се задолжителната поддршка.

Дали ни е неопходна психолошка писменост денес?

Во секој случај ни е потребна, на сите генерации, како на децата, така и на нивните родители и нивните баби и дедовци. Развојот на опшеството е пребрз, информациите кои секојдневно ги добиваме го окупираат нашиот интелктуален и емоционален капацитет.

Мора да се разбие табуто кое, за жал сѐ уште владее во нашето кревко општество дека барањето на помош од психолог или психијатар е срамно, непотребно и навредувачко.

Сѐ почесто се соочуваме до деца кои имаат своја специфичност, специфична структура на личност, со доминантна интровертност, отуѓеност, па дури и шизоидност. Нивниот број постојано расте, а една од причините поради поголемата отуѓеност од родителите, а и од самите деца меѓу себе. Во минатото децата се дружеа на улица, беше тешко да ги прибереш дома, а сега е тешко да ги убедиш да излезат на улица, да играат со другарите, да трчаат, да возат велосипед и т.н. врсничката поддршка изостанува.

Модерното време нѝ носи многу непредвидливи и неочекувани предизвици и токму затоа, повремено, на сите ни е потребен совет од стручно лице.

Новинарка: Ана Зафирова Арсеновска
Фотографии: Маја Јаневска