ЈАР не најде докази за испорака на оружје во Русија

Претседателот на ЈАР, Сирил Рамафоса

Претседателот на Јужноафриканската Република, Сирил Рамафоса, изјави во неделата дека не се пронајдени никакви докази по американските обвинувања дека руски брод земал оружје од неговата земја кон крајот на минатата година и го пренел во Русија.

Јужноафриканските функционери веднаш ги негираа обвинувањата кога беа изнесени, а претеседателот Рамафоса започна независна истрага на комисија која ја водеше пензиониран судија.

„Ниедно од обвинувањата за снабдување на Русија со оружје не се покажа вистинито. Не е издадена ниедна доззвола за извоз на оружје и никакво оружје не извезено“, изјави Рамафоса во обраќањето до нацијата.

Во тврдењата кои предизвикаа дипломатски тензии, американскиот амбасадор во Јужноафриканската Република, Рубен Бригети, за локалните новинари во мај рече дека ланскиот декември руски товарен брод „Lady R“ натоварил оружје во поморската база Кејп Таун.

Обвинувањата од САД на Западот беа дочекани со проблематизирање на ставот на ЈАР која не ја обвини Русија за војната во Украина, и шпекулации за губењето на ставот за неврзување и неутралност во врска со војната, како и можни западни санкции.

Во обраќањето до нацијата, Рамафоса истакна дека американските неточни обвинувања ѝ нанеле штети на јужноафриканската економија и на угледот на земјата во светот.

„Комисијата не пронајде докази кои и би го поддржале тврдењето дека бродот превезувал оружје од Јужноафриканската Република наменето за Русија“, рече Рамафоса.

Додаде дека бродот бил вкотвен во базата за да ја испорача опремата којашто јужноарфриканската компанија за набавка на оружје „Amrscor“ ја нарачала уште во 2018 година за потребите на Јужноафриканските национални одбранбени сили.

Јужноафриканската Република е во блокот БРИКС, во кој се уште и Русија и Кина покрај Бразил и Индија. Покрај тоа, воените морнарици на ЈАР, Русија и Кина, во февраури годинава, како и претходно во 2019-та, одржаа заеднички маневри во водите близу јужноафриканскиот брег.