Ние одиме нагоре со казните, воведуваме повисоки затворски казни, а ефикасноста на казнената политика не ја постигнува целта и работи под притисок на јавноста, смета универзитетскиот професор Гордан Калајџиев за измените на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената должност и овластување, односно членот 353 и злосторничко здружување, односно членот 394.
Според него одамна се води расправа за членот 353 од Кривичниот закон, во смисла дали тој е преширок и дали правилно се толкува и дека со овие измени на Кривичниот законик се олеснува проширената конфискација на имот, што според него е добро.
„Со затворски казни како од 19. век, со долги затвори, не се решава ништо, напротив, само се зголемуваат проблемите, оти нашите затвори се со катастрофално лоши услови. Јас сум за целосна промена, казнената политика за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина. Сега во праксата во анонимни случаи судовите многу ја користат условната казна што не е лошо, ама во јавно експонирани случаи судат под притисок на јавноста. Сето тоа е разбирливо, јавноста реагира на долгогодишната неказнивост на функционерите за разни злоупотреби, но не е поената сиот бес да се истури на првиот следен случај со злоупотреба, како што е сега примерот со случајот Онкологија. Никого не бранам, но и актерите во овој случај се жртви на нефункционалниот систем кој ги оставил во комоција да ги сторат делата за кои се под истрага“ порачува Калајџиев.
Професорот апелира на побрзо носење на Законот за граѓанска конфискација на имотот.
– Конфискацијата мора да заживее. Коруптивниот елемнт се трга и од делото несовесно работење, но тоа не значи дека се прави декриминализација на делото, туку дека и за помали и за поголеми пропусти ќе може почесто да се казнува.