Вработените во АД Водостопанство најавија штрајк, останале без плати и здравствено осигурување

АГРО Синдикатот при ССМ, заедно со вработените во АД Водостопанство во државна сопственост – Скопје, денеска пред Влада одржаа протест, каде најавија штрајк од следната недела, доколку не бидат исплатени нивните две плати.

Сојузот на синдикатите на Македонија и АГРО Синдикатот се загрижени за состојбата во Водостопанство, особено поради тоа што вработените редовно ги извршуваат своите работни задачи, а за возврат веќе неколку месеци не ја добиваат одработената плата.

-Владата должи објаснување на 550 фамилии кои се останати без здравствено осигурување, дали воопшто се грижи за овие вработени и за водоснабдувањето во државава. Овие работници денес дојдоа тука да си ги остварат правата од работниот однос и доколку во најбрз можен рок не добиеме одговор, ние сме спремни да прогласиме штрајк, изјави претседателот на Агро синдикатот, Игор Китаноски на протестот пред Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека е се понеизвесно дека работниците ќе одлучат да не ги извршуваат нивните работни задачи и упати порака до менаџерскиот тим на АД Водостопанство и Владата да изнајдат решение и да се исплатат платите на работниците, бидејќи како што рече, доколку не се исплатат двете заостанати плати, следните чекори ќе бидат далеку подрастични.

-Луѓето редовно ги извершувале нивните работни задачи изминатите два месеци, можете да замислите што ќе се случи доколку овие луѓе одлучат да ги затворат вентилите и одлучат да не доаѓаат на работа, поради тоа што не добиваат плата, како што тоа го очекуваат од менаџерскиот тим, раководството и Владата. Денес Владата има седница, барам претставниците на Владата и министрите едногласно да донесат одлука и платите на овие работници да бидат исплатени, доколку не, во текот на наредната недела ќе донесеме одлука за следни чекори кои нема да бидат како овој денес. Зборуваме за зголемени функционерски плати од 80 отсто, а овие луѓе два месеци немаат земено плата и тоа е жално за Македонија, рече Трендафилов. (