Студентите по право денес протестираат пред Влада, велат доста беше од злоупотребата на европското знаменце

„Како студенти кои избравме да студираме на правните факултети во Македонија, не можеме да останеме рамнодушни пред долгата тенденција на постапки кои водат кон уништување на нашиот правен систем.
Ние сме новата генерација на правници кои и се потребни на Македонија, не корумпирани и посветени на правото и правдата. Но, ние, како активни студенти, сме загрижени дека додека стапиме на позиции во правосудството, правдата може да остане само апстрактен поим„.

Ова го истакнуваат студентите од Правните факултети кои повикуваат на протест.

-Најновите брзи и криминогени изменувања на Кривичниот законик станаа капката што го прелева чашата. Затоа, ние мораме да сме погласни од било кога, бидејќи одлучивме да останеме во Македонија и да се бориме за правда во нашата земја. Со ова обраќање, ги повикуваме сите студенти, професори и граѓани ПОВТОРНО да ни се придружат на протестот кој е закажан за денес, понеделник во 18:00 часот пред Владата на Република Македонија. ДОСТА БЕШЕ од злоупотребата на европското знаменце како и од користењето и манипулирањето со правото и законите за интересите на политичките елити, порачуваат тие.