Шолц: Северна Македонија да ги донесе потребните одлуки за членство во ЕУ

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, смета дека е моментот земјите од Западен Балкан да пристапат кон ЕУ и ја охрабри земјава да ги донесе потребните одлуки на патот кон ЕУ.

„Сега е време земјите од Западен Балкан да бидат дел од Европската Унија. Ние како ЕУ ја презедовме оваа обврска во Солун пред 20 години“, рече Шолц на заедничката конференција со бугарскиот премиер Николај Денков во Берлин.

На прашањето дали на средбата со Денков разговарале за Северна Македонија и дали има дополнителна заложба од Софија на оваа тема, Шолц не одговори директно, туку потсети на ветувањето од Солун и го повика Скопје да ги донесе потребните одлуки.

„Затоа, многу е важно сега да го придвижиме тој процес напред – ова секако ја вклучува и Северна Македонија, која сега може да ги донесе потребните одлуки. Сите ние сакаме заедно да го придвижиме  овој процес напред. Се надевам дека тоа ќе се случи и во тесна соработка со Бугарија“, рече Шолц.