Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји денеска во Тирана изјави дека Берлинскиот процес е одлична платформа за ангажман на ЕУ на Западен Балкан и оти ја покажува посветеноста на Унијата кон регионот.
На заедничката прес-конференција со шефовите на дипломатиите на Германија и на Албанија, Вархеји рече дека Западен Балкан мора да биде економски интегриран во ЕУ пред тие земји да станат членки на Унијата, пренесе Бета повикувајќи се на албански медиуми.
Пред почетокот на состанокот еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека Европската унија е подготвена за членство на Западен Балкан. Вархеји најави нов план за раст кој според него, треба да го забрза проширувањето со земјите од регионот.
– Главната порака е дека ова е јасен знак дека членството доаѓа за Албанија. Членството доаѓа за Западен Балкан. Планот за раст кој ќе го објавиме за Западен Балкан треба да го забрза итно проширувањето од 1 јануари идната година за да ги примиме новите земји – членки што можно побрзо. Ние сме подготвени, изјави еврокомесарот за проширување.
И шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок испрати силна поддршка за проширувањето на Унијата, а Берлин со големо внимание го следи процесот.