ФОТО| Расте бројот на мртвите во Газа, телата во камиони за испорака на сладолед

Здравствените власти во Појасот Газа се принуден да ги чуваат телата на Палестинците убиени во израелските воздушни удари во камионети ладилници за транспорт на сладолед, бидејќи нивното преместување во болниците е премногу ризично, а на гробиштата одамна нема места.

Со немилосрдното воздушно и артилериско бомбардирање врз Појасот Газа, Израел вели дека возвраќа на минатонеделниот ненадеен напад од палестинската радикална група Хамас кој ги понижи фалените израелски тајни служби и војската, во кој брутално се егзекутирани околу 1.300 лица, речиси сите цивили.

„Болничката мртовечница може да прими само десет тела, така што ги донесовме камионите од фабриката за сладолед во коишто спремивме огромен број маченици“, изјавил за Reuters др Јасер Али од Деир ал-Балах.

Камионите ладилници, на коишто страни сѐ уште стојат рекламни слики со насмеани деца кои уживаат во корнети, вообичаено се користеле за испораки на сладолед во продавниците низ енклавата. Сега тие се импровизирани мртовечници за жртвите од разорната војна меѓу Хамас и израелската војна.

Властите во Појасот Газа соопштија дека во изралеските бомбардирања досега загинале повеќе од 2.400 лица, од кои најмалку четвртина се деца. Поради целосната израелска блокада на палестинската енклава, на болниците им недостигаат резерви и тешко се справуваат и со растот на бројот на ранетите кои веќе ги има околу 10.000 луѓе.

Израел вети дека ќе го уништи Хамас откако неговите борци дивееја низ израелските градови на 7-ми октомври, стрелајќи мажи, жени и деца и земајќи заложници. Тоа значи дека бројот на загинатите во Газа нагло ќе се зголеми.

„Појасот Газа одамна е во криза (поради повеќе од децениската израелската блокада) и ако војната продолжи на овој начин нема да можеме да ги закопаме мртвите. Гробиштата се веќе полни и ни требаат нови“, вели др Јасер Али.