Играчите на Тексас Ренџерс се првите учесници во годинешната World Series (Светска серија), големото плеј-оф финале на американската професионална беjзбол лига МЛБ, откако како гости ги совладаа бранителите на титулата Хјустон Астрос со 11-4 во решавачкиот седми натпревар од финалето на ткн Американска лига.
Херој на победата на Ренџерс беше Адолис Гарсија, кој погоди две „хиум рана“ во натпреварот, зголемувајќи ја својата серија на натпревари со најмалку едно оптрчување на дури четири. Гарсија дојде до удирање пет пати во текот на натпреварот и успеа четири пати да ја испрати топката во игра.
Интересно, во серијата меѓу двата тима од Тексас, Ренџерс и Астрос, сите седум натпревари ги добија гостинските тимови, што е вторпат такво нешто во историјата на американскиот професионален спорт. И во првиот случај беа вклучени Астрос, кои во 2019 година во „Светската серија“ играа против Вашингтон Нејшналс, а исто така загубија со 3-4, играјќи го седмиот натпревар на домашен терен.
За Ренџерс ова е трет настап во „Светската серија“, но сѐ уште ја чекаат првата титула, во 2010 година загубија од Сан Франциско Џајантс, а во 2011 година од Сент Луис Кардиналс.
Испаѓањето на Астрос ја продолжи серијата години во кои ниту еден тим не успеа да освои две титули во низа, што сега трае 23 години. Последна екипа која успеа да ја одбрани титулата останува Њујорк Јенкис од 2000 година.
Во големото финале оваа година, Ренџерс ќе играат или со Филаделфија Филис или со Аризона Дајмондбекс, кои се среќаваат во финалето на Националната лига и моментално имаат скор 3-3. Натпреварот бр.7 меѓу Филис и Дајмондбекс ќе се одигра во вторник навечер во Филаделфија.
„Светската серија“ започнува ноќта од петок кон сабота, а домаќин во првиот натпревар ќе биде Ренџерс. Шампион ќе стане тимот што прв ќе оствари четири победи.