Односот на Европската Унија кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки, изјавиле 55,8% од испитаниците во анкета ЕВРОМЕТАР 2023, на Евротинк – Центар за европски стратегии. 27,5 отсто рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен.
Сепак, за 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјава, што е раст од 2 % во однос на 2022 година, кога така одговориле 58 %. Високи 35,6 % сметаат дека земјата треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ (33% во 2022).
На денешната презентација на резултатите од спроведената анкета, Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, изјави дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 53 % од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 % во 2022 година, додека 30 % не мислат така.
Симптоматично е што 30% од испитаниците мислат дека земјава никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12% кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5 до 9 години.
На прашањето „Генерално, во каква насока се движат работите во Северна Македонија“, 54,4% одговориле со „целосно погрешна наоска“, додека само 12,6% „ многу добра насока“.
На прашањето дали веруваат дека постои држава или меѓународна организација која претставува закана за земјава, 48% одговориле со „да“, наспроти 46% со „не“. Најголем процент од испитаниците кои гледаат закана, сметаат дека во овој момент тоа е Бугарија – 79%, по што следи Русија со 6,3%, Албанија за 2,7% и Србија за 2,4%.
На прашањето „која држава или меѓународна организација е најголем пријател на земјава”, најголем дел, 39,6% рекле Србија, по што следат САД за 13,7%, Турција за 10% и ЕУ за 8,4% од испитаниците.
Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023 е спроведена во текот на септември, на репрезентативен примерок од 1003 испитаници, од страна на агенцијата БРИМА, на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се базира на податоци од Пописот 2021.