Попладнево дошло до пукање пред маркет во сараевската населба Булевар. Од МУП на кантонот Сараево потврдиле дека полициски екипи излегле на терен по дојава.
Аваз пишува дека едно лице е убиено, додека друго е рането. На местото на пукањето има тело покриено со чаршаф.
Според Аваз, на местото на настанот дошле две маскирани лица со спортски торби во кои имало автоматско оружје. Додаваат дека напаѓачите не оставиле чаури зад себе, што упатува на тоа дека биле професионалци. Аваз пишува и дека бил убиен шведскиот државјанин Харис Остердал, додека ранетиот е државјанин на Босна и Херцеговина.
Не е познато од која причина бил во Сараево. Аваз нагласува дека Остердал имал 30 години, а во Шведска бил водач на нарко картел, а во 2017 година бил осуден на четири години затвор за поткуп, продажба на дрога и кршење на Законот за оружје.
Klix.ba тврди дека се работи за убиство од заседа и дека напаѓачите се во бегство. Тие пишуваат дека двајца напаѓачи на велосипед пукале со рафален оган кон мажите кои во моментот на нападот биле во близина на продажниот објект, каде во моментот се наоѓале неколку лица.
Повредениот е пренесен во Универзитетскиот клинички центар во Сараево каде му е укажана лекарска помош. Се уште не е позната сериозноста на неговите повреди.
Очевидци изјавиле дека убиениот не живеел во таа населба и дека станува збор за лице кое дошло од Шведска. Во моментот на пукањето на улицата имало голем број граѓани, па среќа е што не загинале повеќе луѓе.