Новата руска подморница на нуклеарен погон „Цар Александар Трети“ успешно ја тестираше балистичката ракета „Булава“, дизајнирана да носи нуклеарни боеви глави, соопшти руското Министерство за одбрана.
– Како дел од последната фаза од програмите за тестирање на државата, новата стратешка ракетна подморница на нуклеарен погон „Цар Александар Трети“ успешно ја лансираше интерконтиненталната балистичка ракета „Булава“ од водите на Белото Море кон цел на полуостровот Камчатка – се вели во соопштението, што го пренесе „РИА Новости“.
Лансирањето на проектилот било изведено нормално, од подводна позиција, а нејзините боеви глави навреме стигнале до целта. Ова лансирање беше последниот елемент од тестирањето на подморницата, по што ќе се донесе одлука за нејзино прифаќање во руската морнарица.
Подморницата „Цар Александар Тречи“ може да носи 16 интерконтинентални балистички ракети „Булава“. Како дел од актуелната руска програма за оружје, планирана е изградба на уште четири подморници од оваа класа.