Британската влада ги претстави во вторникот плановите чија крајна цел е борбата против криминалот, поттикнување на економскиот раст и намалување на ткн климатско оптоварување во рамките на политичката агенда којашто би можело да биде првиот и последен „кралски говор“ на премиерот Риши Сунак пред изборите.
Со терминот Кралски говор се означува почетокот на новата парламентарна година, а последен пат машки монарх го одржал во 1951 година, иако не лично бидејќи кралот Џорџ Шести бил тешко болен. Во него се претставуваат законите коишто, како што очекува владата, би требало да минат низ парламентот во следните 12 месеци. Станува збор за традиција којашто се протега уште од XVI век, донесувајќи ја владината програма согласно необичната британска уставна поделба на извршните овластувања.
Во владината програма којашто во Домот на лордовите пред пратениците ја претстави кралот Чарлс Трети, премиерот Риши Сунак најави дека има намера да создаде „линија на раздвојување“ со опозициската Лабуристичка партија пред парламентарните избори кои треба да се спроведат следната година.
Имајќи предвид дека според анкетите лабуристите имаат голема предност пред конзервативците на Сунак, тој се надева дека со изнесениот план ќе успее да го премости тој јаз така што ќе ги намали „товарот“ на британските климатски цели кој е на домаќинствата и ќе ги заостри казните кога станува збор за најтешките престапници.
Во говорот на кралот имаше малку новини, оценуваат медиумите, според кои повеќе станувало збор за збир од она на што Сунак работи откако минатата година стана премиер. Тогаш вети дека на земјата ќе ѝ донесе стабилност. Претходно двајцата негови колеги, претседатели на Конзервативната партија и премиери беа принудени да отстапат од власти во период од само неколку седмици.
„Мојата влада во секој поглед ќе настојува да носи долгорочни решенија во интерес на идните генерации“, порача британскиот крал.
Предизборна кампања
Говорот кој го прочита кралот Чарлс Трети звучеше како Велика Британија веќе да тргнала во предизборна кампања, заблежува Reuters.
Владата навести дека ќе продолжи да го поттикнува спроведување на предлог-законот со кој би се вовеле построги затворски казни за најтешките злосторства. Повторено е и ветувањето за поттикнување на економскиот раст и намалување на инфлацијата.
Сунак во воведот на говорот потврди дека ќе го донесе законот за годишното издавање на дозволите за нафта и гас во Северното Море, што лабуристите го исклучуваат, и рече дека постепено ќе ја укинува продажбата на тутун на младите лица во Англија и дека ќе продолжи со обидите за решавање ан пролемот со нелегалната миграција.
Во настојувањата да ги придобие помладите гласачи, владата порача дека ќе продолжи со спроведвуањето на реформите на пазарот на недвижности, дека ќе забрани деложации (иселувања) коишто ги спроведвуаат намодвателите на становите со тоа што ќе го измени системот кој во задолженото министерство го нарекоа „феудален“.
Меѓутоа, Сунак е соочен со тешки цели: повторно придобивање на гласачите, додека лабуристите во анкетите имаат околу 20 процентни поени предност.
Партијата на премиерот се справува со обвинувањата кои ја товарат за сексуални скандали, под будно внимание на јавноста е поради управувањето со земјата во текот на пандемијата на коронавирусот и длабоко е поделена во поглед на сопствената стратегија пред следните избори. Се надева дека неговиот план може да ја промени ситуацијата.
„Минатата година направивме свртување и ја поведовме земјата на подобар пат. Но наброените непосредни приоритети не се лимит за нашите амбиции, туку се само темели на планот чијашто цел е да се изгради подобра иднина за нашите деца и внуци и да ја оствари промената којашто ѝ е потребна на земјата“, рече Сунак во воведот на говорот.