Заеднички сајбер-одбранбен систем за сите проевропски земји предложи премиерот Еди Рама на еден од панелите на мировниот форумот во Париз, каде што беше поканет да зборува за иранските хакерски напади во Албанија, пренесува Top Channel.
„Во нашата земја претрпевме голема промена бидејќи имаме повеќе од илјада онлајн услуги. Факт е дека бевме нападнати од Иран и целиот систем падна. Она што го научивме од сето ова е дека ЕУ треба сериозно да размисли за изградба на заеднички сајбер-одбранбен систем бидејќи колку подолго овие системи остануваат одвоени, толку тие стануваат поранливи. Од друга страна имајќи заеднички одбранбен систем колку повеќе се обидуваш да нападнеш една земја или друга, толку потешко би било зашто се соочувате со една асамблеја на земји“, рече Рама.
Ваквите виртуелни војни, според албанскиот премиер, не можеш да ги добиеш сам.
„Тоа е вистинска војна што се случува на овој простор, па затоа е важно да се знае какво оружје користи противникот, а да се има заедничко знаење е многу подобро отколку да се знае поединечно“, оцени Рама.
Во текот на форумот, Еди Рама ќе даде предлог од три точки за конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас кој го потресе Блискиот исток и целиот свет.
„Планот на шефот на албанската извршна власт предвидува прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа, ослободување на заложниците и повлекување на војниците на еврејската држава од зоната на конфликтот“, се наведува во прилогот на Top Channel.