Додик верува дека до 2030. ќе биде првиот претседател на независна Република Српска

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, најави дека ќе биде првиот претседател на независна Република Српска, а верува дека тоа ќе се случи до крајот на оваа деценија.

Во интервју за локалната комерцијална телевизија К3 од Прњавор, Додик посочи дека не планира да се повлече од политиката и дека верува дека неговата позиција само ќе зајакне.

Одговарајќи на новинарско прашање каде се гледа себеси во 2030 година, тој рече дека тогаш планира да биде првиот претседател на Република Српска, која ќе се отцепи од Босна и Херцеговина.

„Ќе бидам во првиот мандат на претседателот на независна Република Српска“, изјави Додик и ги повика гласачите во тој ентитет цврсто да се држат до него и неговата политика.

Оваа негова најава е во спротивност со неодамнешната отворена поддршка за формирање на нова Голема Србија, во која покрај Република Српска би биле вклучени и отцепената поранешна јужна српска покраина Косово и Метохија и Црна Гора, а овој концепт за промена на границите во регионот беше претставен на крајот на октомври во интервју за рускиот сервис Sputnik.

Провокативните изјави на Додик зачестија како што се приближува 22. ноември, кога тој мора да се појави како обвинет во Судот на Босна и Херцеговина. Потоа ќе се соочи со обвинение со кое се товари дека не ги спроведувал одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, чиј легитимитет не го пирнзаваат во Бања Лука, во случај на осуда му се заканува казна затвор од шест месеци до пет години и автоматска забрана за вршење на функцијата претседателот на Република Српска.