Спасувачите сѐ уште се обидуваат да стигнат до 40 работници во урнатиот индиски тунел

Спасувачите во вторникот се обидуваат да стигнат до 40-ината индиски работници заробени во урнатиот тунел речиси 60 часа и се обидуваат да постават широка челична цевка со надеж дека ќе можат да ја искористат за да ги извлечат работниците.

Заробените мажи се безбедни и во добра состојба, соопштија властите. Тие се снабдуваат со храна, вода и кислород преку цевки.

Тунелот долг 4,5 километри, кој се гради во сојузната држава Утараханд на национален автопат кој е дел од хиндуистичката аџиска рута Чар Дам, се урна во неделата околу 5,30 часот по локално време. Во ноќната смена имало од 50 до 60 работници и оние кои биле блиску до излезот од тунелот успеале да излезат, но 40 од нив останале заробени, изјави за локалните медиуми работник кој успеал да излезе од тунелот.

„Ова е многу предизвикувачка работа, бидејќи додека ги расчистуваме остатоците, сѐ повеќе и повеќе урнатини паѓаат, така што се обидуваме да го спречиме со употреба на цемент“, изјави Мохсен Шахиди, висок функционер на Националните сили за одговор при катастрофи, за новинската агенција ANI додавајќи дека мажите беа заробени во област од околу 50 до 60 метри.

Девендра Синг Патвал, претставник на државата за одговор при катастрофи, изјави дека спасувачите изградиле платформа за да ја вметнат цевката за евакуација и почнале со дупчење. Патвал додаде дека не се знае колку време ќе биде потребно за да се извлечат работниците. Пристигната е екипа од геолози за да се утврдат причините за несреќата, додаде тој.

Регионот е подложен на свлечишта, земјотреси и поплави, а инцидентот уследи по свлечиште. Геолозите, жителите и официјалните лица ја обвинуваат брзата градба во планините.

Работата на делот од тунелот започна во 2018 година и требаше да биде завршена до јули 2022 година, но завршувањето е одложено за мај 2024 година, соопшти владата.

 

Контроверзен проект

„Најпрво помисливме дека се работи за помал колапс и почнавме да ги отстрануваме остатоците најдобро што можевме“, изјави за весникот Indian Express, Раџиев Дас, работник кој успеа да излезе.

Рамеш Кумар, таткото на заробениот работник Акилеш Кумар, рече дека последен пат разговарал со својот син три дена пред инцидентот и дека Ахилеш планирал да го посети семејството за време на викендот на хинду фестивалот Дивали. „Неговата сопруга е бремена неколку недели и не и кажавме затоа што веќе е загрижена и под стрес“, изјави Кумар.

Експресниот пат Чар Дам е еден од најамбициозните проекти на владата на премиерот Нарендра Моди. Целта на проектот е да се поврзат четири важни аџиски рути преку пат со две ленти долг 889 километри чија изградба чини околу 1,5 милијарди долари.

Експертите за животна средина го критикуваа проектот, а некои работи беа стопирани откако стотици куќи беа оштетени од лизгање на земјиштето долж тие рути. Влијанието на проектот не беше соодветно оценето пред почетокот на изградбата, се вели во извештајот на стручната комисија назначена од Врховниот суд во јули 2020 година.

Проектот беше одобрен во 2021 година, но судот предупреди дека владата треба да ги земе предвид грижите на комитетот и да развие стратегија за заштита на животната средина.

Шефот на комисијата минатата година поднесе оставка и изјави дека е фрустриран што неговите препораки не се спроведуваат. Федералната влада објави дека користела еколошки инженерски техники за да ги направи геолошки нестабилните делови побезбедни.

Главниот министер на Утараханд, Пушкар Синг Дами, изјави за ANI во вторникот дека државата ќе испита како се работи во сите тунели кои се во изградба за да се осигура дека тие се завршени безбедно.