Првиот секретар во хрватската амбасада во Белград, Хрвоје Шнајдер, е протеран од Србија поради шпионажа, објави во понеделникот доцна вечерта порталот Вечерње новости, повикувајќи се на неофицијални извори, откако претходно српското Министерство за надворешни работи ја објави одлуката дека хрватскиот дипломат е непожелен.
„Станува збор за документирана шпионажа и врбување за работа за хрватската служба. Тоа значи дека се собрани докази дека Шнајдер ја прекршил Виенската конвенција којашто ги регулира дипломатско-конзуларните односи и како резултат на тоа е прогласен за персона нон грата“, се наведува во написот на Вечерње новости.
Министерството за надворешни работи на Србија претходно вечерта во понеделникот, без да соопшти повеќе детали, соопшти дека „на 20-ти ноември 2023 година донело одлука, согласно член 9 од Виенската конвенција, кој ги регулира дипломатско-конзуларните односи, да го прогласи Хрвоје Шнајдер, прв секретар во Амбасадата на Република Хрватска во Белград, за персона нон грата“.
„За време на неговиот професионален ангажман во Република Србија, Шнајдер грубо отстапи од рамката на дипломатските норми и ја прекрши гореспоменатата Конвенција. По тој повод, дипломатска нота му беше врачена на амбасадорот на Република Хрватска, Хидајет Бишчевиќ. Министерството за надворешни работи на Република Србија изразува жалење за однесувањето на споменатиот дипломат во изминатиот период, кое не придонесува за подобрување на билатералните односи меѓу Република Србија и Република Хрватска, добрососедската соработка и севкупното подигнување на нивото на мир и стабилност во регионот“, се вели во образложението на одликата на српската дипломатија.
Притоа се наведува дека Белград изразува очекување дека дввете земји ќе работат заедно на градење меѓусебна доверба, со цел постигнување заедничка европска иднина.
Членот 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи вели дека „државата на прием може во секое време и без обврска да ја образложи својата одлука, да ја информира државата испраќач дека шефот или кој било друг член на дипломатскиот персонал на мисијата е персона нон грата“.
Хрватска изрази жалење поради протерувањето на нејзиниот дипломат од Србија, истакнувајќи дека тоа е „чекор кон влошување“ на односите и дестабилизација на регионалните состојби.
„Целосно ги отфрламе основите за протерување акредитиран хрватски дипломат. Споменатата одлука на Република Србија претставува чекор кон влошување на меѓусебните односи, како и натамошна дестабилизација на чувствителните регионални политички и безбедносни ситуации во време кога стабилноста на југоистокот на Европа е од исклучителна важност за цела Европа“, се вели во соопштението за медиумите на Министерството за надворешни и европски работи во Загреб.
Се нагласува дека овој чекор претставува „дополнителен притисок врз вработените во хрватската амбасада во Белград, што особено се манифестира во предизборниот период во Република Србија“.
„Во таа насока, го изразуваме нашето жалење што очекуваната ескалација на односите од страна на Република Србија во овој момент беше реализирана со драстична одлука за протерување дипломати“, се додава во објавата на хрватската дипломатија.
Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска додава дека го задржува правото да одговори на овој потег „во време и на начин што ќе го избере“.