Србија не треба да избегнува соработка ако сака да го забрза патот кон ЕУ, изјави Грлиќ Радман

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман денеска во Сараево изјави дека Србија не треба да избегнува соработка и да прибегнува кон методи на Студената војна во меѓудржавните односи доколку сака да го забрза патот кон Европска Унија и да изгради регионална стабилност.

Тој изрази жалење што Србија го протера првиот секретар на Амбасадата на Хрватска во Белград, Хрвоје Шнајдер, особено што во одлуката не се наведени причини за тоа.
Посочи дека таквите одлуки „не градат добрососедски односи“ и дека „испраќаат лоша порака и кога се во прашање вредностите и критериумите што треба да се применат на патот кон членството во ЕУ“.

„Срамота е што Србија го избра тој пат, особено кога сака да стане членка на ЕУ. Треба да работиме на пријателските односи помеѓу земјите од Западен Балкан и да ја промовираме регионалната стабилност. Ова повеќе потсетува на реториката од Студената војна“, додаде Грлиќ Радман.