Половина од германските компании тешко наоѓаат работници

На половина од германските компании им е тешко да најдат работници, откри Трговската и индустриската комора (DIHK) во истражувањето објавено во средата, предупредувајќи дека недостигот од работна сила ја загрозува конкурентноста на економијата.

Незначително е намален уделот на компаниите кои имаат потешкотии да најдат работници, од јануарските 53 на 50 проценти, утврдиле во DIHK, но проблемот е недостигот од работна сила во секторите кои бележат високи стапки на раст и бараат висококвалификувани работници.

„Ситуацијата со квалификувана работна сила останува критична“, рече заменик-извршниот директор на DIHK, Ахим Деркс во извештајот „Тесните грла во понудата на квалификувана работна сила го загрозуваат успехот во клучните технологии“.

Во германската економија во целина, според сегашната проценка, неисполнети се 1,8 милиони работни места.

„Ова значи дека оваа година ќе бидат изгубени повеќе од 90 милијарди евра додадена вредност“, нагласува Дрекс, предупредувајќи дека бројката одговара на повеќе од 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Истражувањето покажало дека 80 отсто од компаниите очекуваат негативни последици од недостигот од работна сила. Речиси 16 отсто од нив ќе бидат принудени да инвестираат помалку во Германија, особено во секторите машинско инженерство и производство на автомобили, но и медицинска технологија и уреди за обработка на податоци.

Свесна за проблемот, германската влада годинава усвои нов закон за да им помогне на странските работници да се населат во Германија. Повеќе од половина од компаниите сметаат дека ангажирањето странски и квалификувани работници е можно решение за проблемот со недостигот од работна сила, покажа истражувањето.